Ќе се уредува пристаништето пред Палас

Некогашното градско пристаниште пред хотел Палас ќе се уредува, по пат на Јавно приватно партнерство. Со тоа охриѓани ќе добијат повеќе бенефити, велат од локалната. За разлика од нив, опозицијата настојуваше постапката да биде целосно прекината.

 |  Николоска Биљана  | 
pristaniste

Советот на општина Охрид даде зелено светло за уредување на малото пристаниште пред хотелот Палас. На денешната 45 – та седница со 12 гласа за и 9 против се изгласа предлог одлуката за започнување постапка за доделување на договор за Јавно приватно партнерство за изградба и управување на мало пристаниште преку изградба на марина. Насловот на предлог одлуката претрпе измена на самиот почеток на седницата, поради, како што нагласи претседателот на Совет Гордана Коњаноска, усоглсување со насловот на физибилити студијата. Советниците од опозицијата не само што не ја подржаа оваа точка, туку бараа и прекинување на постапката од повеќе причини, меѓу кои ги издвоија економскиот, еколошкиот аспект. како и аспектот на општествено одговорно работење. Покрај овие, опозицијата го потенцираше и отсуството на јавниот бенефит од ваквата одлука.

„Јавноста мора да знае дека општина Охрид може да склучи договор за јавно приватно партнерство со приватен партнер, кој што ќе обезбеди извршување на јавни услуги во корист на крајните корисници, во име на општината. Значи, општината ако не е способна да ги изврши тие јавни услуги, држење на ресторан кој што воопшто не е урбанистички предвиден на таа локација, не може да биде јавна услуга“ – изјави Стојаноски.

Ако некој смета дека треба да се потрошат 100 милиони денари за изградба на марина на која ќе се паркираат 20 пловни објекти, тогаш истиот тој треба да и објасни на јавноста дека ние сме многу богати за да ги вложиме тие пари за паркинг места за 20 пловни објекти, додава координаторот на социјалдемократите Јован Стојаноски. На ваквите обвинувања секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, со одговор:

„Јас веројатно ќе забележите во мојот, но и настапот на градоначалникот, ние за тој дел не го користиме зборот марина. Значи во овој проект, исклучиво се оденесува на реконструкција на старото напуштено градско пристаниште во Охрид кое што во моментов е во распад. Значи овој проект опфаќа безбедносно стабилизирање на тој дел, спроведување на определени инсталации кои што се потребни и изградба на ресторан на тој дел, изградба на слободна плажа за граѓаните на Охрид и на некој начин оплеменување на тој простор. Во никој случај ова не е реализација на проектот марина во Охрид“.  

Ние како одговорна Локална власт на самиот почеток на нашето владеење пристапивме кон можноста да овај дел од градот, ова пристаниште биде реконструирано и биде ставено во функција на граѓаните на општина Охрид, со тоа и збогатување на туристичката понуда за Охрид, кпотенцира Спасески. Јавниот бенефит,покрај добивањето бесплатна плажа и безбедносно уредување на просторот Спасески го гледа во надоместокот кој што приватниот партнер треба да го уплатува на сметка на општина Охрид

„Покрај сите инвестиции со самото чистење на просторот каде што ќе треба да се паркираат чамците, не може да биде помал од 10 % од вкупниот приход кој што партнерот ќе го оствари, значи сумата која што ја кажуваа советниците од опозицијата е неточна и погрешна туку тоа е почетна сума, општина Охрид ќе инкасира 10% од вкупниот приход на партнерот, но тоа не може да биде помалку од 5 илјади евра“ – вели Спасески.

Заменик градоначалникот Ангел Јанев се осврна на значењето на уредувањето на овој простор од малку поширок аспект, во насока на задржување на младите генерации охриѓани.

„Оваа мала марина, големата марина, автопат и сите оние содржини кои што оваа Локална самоуправа и оваа власт ги дава како можност да се збогати, да се унапреди, да се дадат поубави можности на градот Охрид, е би рекол една капка во морето на потреби кое што градот Охрид ги има како таков. Според мене ние мора да размислуваме на тој начин, мораме да наоѓаме и нови содржини, кои што не се само вработувањето туку и нови содржини со кои што младите луѓе ќе останат во Р Македонија“  – нагласи Јанев.

Согласно законската регулатива, по усвојување на денешната Предлог одлуката следува распишување на тендер и избор на најповолен понудувач за јавното приватно партнерство.

{loadposition content9}

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top