Ќе се реновира Куќата на Робевци

Куќата на Робевци ентериерно ќе се уредува. Министерството за култура за оваа намена издвоило 3 милиони денари. Конзерваторско,  реставраторските работи и осовременувањето на ентериерот во овој музејски објект, ќе го вршат екипи  на Завод и Музеј од Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Куќата на Робевци еден од најрепрезентативните објекти на староградска архитектура во Охрид, ентериерно ќе се реновира. Како што обелодена првиот човек на НУ „Завод и Музеј“, Охрид, Тања Паскали Бунташеска, реновирање не било направено уште откако е отворен овој објект, единствено реновирана била Златната соба.

„Ќе има измени во поставките, значи најдолниот дел приземјето, повторно ќе функционира како лапидариумски простор со тоа што ќе биде реализиран неопходен санитарен јазол во приземјето, ќе биде направен нов пулт за продажба и за промоција на материјал за продажба, на првиот спрат ќе биде поставена етнолошка поставка, а вториот спрат останува како археолошка поставка во склоп заедно со Златната соба, додека пак на третиот кат каде што е резбата, повторно  ќе биде изложена резбата, збогатена со нови содржини“.

Министерството за култура за ентериерното уредување на завод и Музеј му додели 3 милиони денари, и дополнително за опремување на објектот со потребни нови витрини, нагласува Бунташеска, според огласот за јавни набавки кој беше објавен минатата седмица. Ресорното министерство и за 2016 год прифатило голем број на проекти за реконструкција на фасадите на неколку стари охридски куќи, а исто така и доделило средства, информира Бунташеска.

„Оваа година акцент ставивме на конзервација на фасади на ул „Самуилова“ на потегот од Долна Порта до црквата Св Софија, на тој потег ќе реставрираме 4 фасади, тоа се Куќата на Маринови, Куќата на Драги Рауник, Куќата на Коле Котуше, конечно ја завршуваме куќата на Ајри Доко ова е последна фаза и тој објект ќе биде завршен, исто така  ќе работиме и фасада на Куќата на Димзови“.

Бунташеска вели дека за брзо време ќе се отпочне со реализација на овие проекти,  бидејќи тендерските постапки биле во завршна фаза. Додека пак на објектите на кои што треба да се конзервираат фасадите во Струга ќе се работат од јуни месец, натаму.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top