После мостот ќе се прави адаптибилна плажа за лицата со телесен инвалидитет. Веќе се изготвува проектот за оваа плажа, а од Локалната се оптимисти дека таа ќе биде направена до почетокот на летото. Барањето за ваква плажа е на здружението на телесни инвалиди од Охрид.
Ќе се прави адаптибилна плажа за телесни инвалиди. Оваа идеја стара десетина години по се изгледа конечно ќе се реализира. Венко Голабоски, претседателот на здружението на телесни инвалиди од Охрид вели дека проектот е вклучен во нивната годишна програма и е доставен до Локалната самоуправа и дека од таму добиле зелено светло. Голабоски објаснува дека вакви плажи има насекаде во поголемите туристички места во светот. Тој го посочи примерот на Задар каде секое лето го поминува својот одмор. Плажата е со сите потребни помагала за лицата со инвалидитет па тие можат непречено да се капат без при тоа да се изложени на некаква опасност. На плажата би требало до длабочина од 130 до 150 метри под вода да бидат поставени специјални гелендери за кои инвалидизираното лице ќе може да се држи при влегувањето во вода.
Тука ќе може инвалидизираното лице да се симнува и со количка. Ако тоа е можно во море тогаш зошто да не може и во езеро. Постојат и специјални колички кои наместо тркала имаат пластични балони така што лебдат над водата. Ваква плажа би била вистински благодет за нас, вели Голабоски.
На плажата треба да има и други помагала , а задолжително мора да има санитарен чвор за инвалидизирани лица, соблекувални и лежалки но кои ќе се покриени со платно бидејќи болеста на некои инвалиди не дозволува да бидат директно изложени на сонце. Голабоски вели дека сето ова не е голема инвестиција ниту пак изискува некои големи инфраструктурни зафати. Од Локалната веќе работат на реализација на овој проект. Ангажиран е архитект за да го осмисли проектот па предлог проектот треба да биде готов са брзо време.
Јас сум оптимист дека уште ова лето ќе го реализираме проектов. Постапката е во тек. Од кога ингеренциите за плажите се во рацете на локалната постапката е многу поедноставна, вели заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Од здружението „Мобилност“ како најсоодветна локација за оваа плажа го посочиваат потегот после мостот бидејќи тоа е блиску до централното градско подрачје, има сопствен паркинг и нема некоја голема фреквенција. Додаваат дека тоа место би било најпогодно и за гостите кои доаѓаат во Охрид, а кои се со инвалидитет и кои се сместени во охридатите бидејќи тоа се простории кои се во рамките на овие здружениа. Голабоски вели дека со ваква плажа Охрид не само што ќе биде прв во Македонија туку и пошироко во регионов.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град