Подготвителните, земјените и работите на темелната конструкција за изградба на затворениот пливачки базен траат подолго од предвиденото. Тоа и било очекувано како што изјавија за ТВМ од Агенцијата за млади и спорт бидејќи уште при проектирањето на објектот кога биле извршени геомеханичките истражни работи имале сознанија за квалитетот на земјиштето и состојбата на подземните води на локалцијата кеде отпочна да се гради затворениот пливачки базен во Охрид.
На локалитетот каде што за три години треба да никне затворениот пливачки базен во Охрид, се изведуваат подготвителни работи, дел од земјените работи, а се работи и на подготовка на бетонските работи за темелната конструкција. Како што информираа од Агенцијата за млади и спорт, оваа фаза на градба била многу сложена и требало да се изведе со многу внимание, со оглед на тоа што се работи за изградба на капителен објект каков што досега се нема изградено последниве 35 години.
Од Агенцијата за млади и спорт велат дека уште при проектирањето на објектот биле извршени геомеханички истражни работи и имале сознанија за квалитетот на земјиштето и состојбата на подземните води на оваа локација. Затоа и очекувале овој дел од работите, односно подготвителните , земјените и работите на темелната конструкција да потраат подолго време.
Од таму исто така информираа дека секојдневно биле во комуникација со сите инволвирани страни во изградбата на базенот и тоа, со изведувачот, Надзорниот орган, како и претставниците на Локалната самоуправа и дека континуирано го следеле текот на работите. Додаваат дека согласно договорот за изведба постоел рок и динамика со која треба да се изведуваат работите на објектот, а дека досега работите се изведувале согласно утврдената динамика, како и тоа дека немамле индикации за пробивање на крајниот рок на изведба. Како што тврдат од Агенцијата за млади и спорт би можело да се очекува дека наскоро ќе има видливо интензивирање на работите на терен.
Инаку како што во повеќе наврати информиравме, објектот ќе се простира на површина од 15 илјади квадратни метри, со предвидени трибини со повеќе од 500 седишта, со димензии на базенот од 33 на 22 метри. Со ова по долги години чекање Охрид и охриѓани ќе добијат затворен базен во чии рамки ќе има и деловен простор. Вредноста на инвестицијата е околу 5 милиони евра, а како инвеститор се јавува Агенцијата за млади и спорт. Со реализацијата на овој проект, кој треба повторно да ги заживеат спортовите на вода по кои Охрид беше препознатлив, значително ќе се инвестира во пливањето и ватерполото кое се спортови со долга традиција во нашиот најголем туристички центар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град