Кирил Пецаков и официјално Градоначалник на Охрид

Кирил Пецаков денеска и официјално ја презеде градоначалничката функција во Охрид. Општинската изборна комисија утрово му го врачи уверението за мандатот на Пецаков, како и уверенијата на советниците кои ќе го сочинуваат новиот Совет на Општина Охрид согласно резултатите од локалните избори.

 |   | 

Кирил Пецаков и официјално ја презеде градоначалничката функција. ОИК му го врачи уверението за четиригодишен мандат на чело на Охрид.

„Гарантирам дека од првиот ден ќе работиме посветено за решавање на проблемите и потребите на граѓаните и Охрид. Ќе воведиме ново темпо на работа во кое се надевам дека службите и јавните претпријатија ќе не следат во чекор“, изјави новиот градоначалник.

Ќе работиме посветено, чесно, одговорно за после 4 години со крената глава да можеме да побараме уште еден мандат од охриѓани. Приоритет ќе бидат сите горливи проблеми за кои во екот на кампањата често говоревме, но и сите оние потреби кои граѓаните односно МЗ ќе ги истакнат –истакна Пецаков.

Тој одговори на новинарско прашање кои капитални проекти ќе ја одбележат првата година од мандатот.

Во периодов којшто следува има некои проекти кои ги ветивме во програмата, а има и проекти кои веќе се отпочнати за кои има документација и се на пат да бидат реализирани, тука ќе има инфраструктурни проекти како реконструкции на улици и плоштади, при крај е постапката за катната гаража – додава Градоначалникот на Охрид.

Пред свечениот чин на примопредавање на функцијата новиот и досегашниот градоначалник имаа скоро получасовен кафе муабет. Константин Георгиески на новоизбраниот градоначалник му посака добро здравје, многу успех и посветена работа во интерес на граѓаните на Охрид.

Разговаравме околу состојбата во општината, проектите кои ги спомна од кои се дел започнати со реализација. Му посакав успех во реализација на тие проекти и јас ќе бидам секогаш тука доколку му бидат потребни некакви информации, тековни во однос на проектите коишто се започнати, да се реализираат и Охрид да добие уште повеќе инфраструктурни проекти. Разговаравме и за раздолжувањето на општината. Уште еднаш многу успех и среќа во работата – рече Георгиески.

Претходно во големата сала на општината им беа врачени уверенијата на новите 23 советници. Претседателката на ОИК Антигона Сионов на новите советници им посака успешна работа и функцијата советник да ја извршуваат совесно и одговорно согласно законот. Новиот состав на Советот на Општина Охрид, го сочинуваат 10 советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија, 8 од СДСМ и Коалицијата Најдоброто за мојата општина, 2 од ДУИ, еден советник од Левица и по еден советник од независните листи од предлагачи група граѓани „Охрид пред се” и „Охрид има план Б”.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top