За само три месеци под ново раководство, 13 состаноци на регионалната занаетчиска комора.
Тоа не е за занемарување со оглед на фактот што немаат сопствени простории за држење состаноци. Тие испратиле и допис до градоначалникот Петрески за остварување на средба во која од локалната ќе побараат да им обезбеди деловен простор за држење на редовните состаноци.
Во меѓувреме комората се снаоѓа и што е поважно донесува сериозни одлуки меѓу кои најважна е онаа за плаќањето на членарината.
„Ако за 2011 година претходното раководство успеало да собере 22.000 денари по основ на членарина, само во Февруари ние успеавме да собереме преку 14.000 денари што не е малку. На редовни состаноци на управен одбор донесовме некои одлуки, членарината останува иста, 150 денари месечно. Донесена е одлука сите да платат членарина за 2011, значи им се отпишува претходниот долг, со одлука 2011 година да ја подмират сите.“-рече Сашо Богоески-Претседател на Регионалната занаетчиска комора.
Околу внатрешните поделби во регионалната комора, Богоески вели: „Фракции постоеле одсекогаш и ќе постојат и понатака. Меѓутоа засега сме единствени, сите одлуки што сме ги донеле биле донесени едногласно, незадоволни имало секогаш, и ќе има секогаш, но тоа е и добро бидејќи ќе претставува поголем поттик за работа.“
На припомош доаѓаат и од Министерството за економија со првиот проект од тазе стратегијата за развој на занаетчиството. Станува збор за субвенции во поединечен максимален износ од 5000 евра по занаетчија.
„Вкупната сума за проектот на Министерството за економија е 1.200.000 денари или 19.000 евра. Е сега колку би добиле занаетчии од овој проект, дали ќе биде на 4 занаетчии низ цела Македонија по 5000 евра или на 200 занаетчии по 10, 20 евра отприлика, тоа ќе го одлучи Министерството за економија проектот е нивни, аплицирањето е кај нив. “-вели Богоески.
Субвенциите се наменски и ги покриваат само занаетите кои за краен производ имаат некоја автентична македонска ракотворба. Тие можат да се искористат за покривање на трошоците кои занаетчиите ги направиле за набавка на опрема и алат, но и стручно оспособување. Трошоците мора да бидат направени во периодот од 1 Јануари до 1 Ноември годинава, а документите за аплицирање може да се пронајдат во архивата на министерството за економија или на нивната веб страна. Јавниот повик ќе трае се до исцрпувањето на оние 1.200.000 денари, односно нема гаранција дека сите апликанти кои ги исполнуваат условите ќе добијат субвенции.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град