Казна му е мајката

Жителите од Стар град поради неправилно паркирани возила на просторот помеѓу улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ не можат со автомобил да си одат дома. Овој проблем се провлекува години наназад, но никој не го решава. Сообраќајната полиција по се изгледа треба да почне да казнува за да ги потсетат возачите дека не ги почитуваат двата знаци за забрането запирање и паркирање кои се поставени на ова место.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Просторот помеѓу улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ повторно преполн со паркирани возила. Оваа спојка подолг период претставува проблем за жителите на Стар град кои честопати не можат да си појдат дома, бидејќи просторот е блокиран од паркираните автомобили. Уште пред три години Телевизија ТВМ го актуелизираше овој проблем, но сеуште никој не го реши. Уште тогаш од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици во локалната самоуправа беа поставени два знаци за забрането запирање и паркирање и од едната и од другата страна на спојката непосредно до ресторанот Чун, меѓутоа, очигледно несовесните возачи не ги почитуваат.
Во случаите кога се прекршуваат сообраќајни знаци, обврската за постапување е во рацете на сообраќајната полиција. СВР Охрид во неколку наврати не информираше дека на тој простор забележале непочитување на сообраќаните правила од некои учесници во сообраќајот и дека проблемот го решаваат со изрекување на усни и писмени опомени, но без изрекување на казни. Но се чини дека предупредувањата на СВР немаат ефект врз возачите, бидејќи овој простор повторно е полн со паркирани автомобили. Имајќи предвид дека доаѓа летниов период па се почесто овој простор ќе биде запоседнат од нелегално и непрописно паркирани автомобили, можеби е време, од Секторот за внатрешни работи од Охрид да пристапат и кон казнување на прекршителите и нивно парично санкционирање. Можеби тогаш, оваа мала спојка, но значајна за оние кои живеат во Стариот дел на градот, но и за туристите кои во летниот период престојуваат во овој дел, ќе биде слободна за движење, а не блокирана со автомобили.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top