Католиците утре го слават Христовото Воскресение

Суштината на Христосовото Воскресение е исто и во православната и во католичката, христијанска вероисповед, различни се обредите и обичаите, вели отец Оливер. Денес католиците се во исчекување на најголемиот празник Велигден.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Католиците утре го слават најголемиот христијански празник Велигден. Според календарот на католичката црква денес е Велика Сабота, ден пред Христовото воскресение. Отец Оливер од охридската католичка црква истакна дека денес е крајот на 40 дневниот велигденски период, кој се состоел од пост и молитва се со цел дочек и прослава на Воскресението Христово.

„Овој период имавме т. н вазмено тридневие кое се состоеше од Велики четврток, петок и денес го крунисуваме ова тродневие со воскресната света литургија која што ќе биде врвот на целиот тој период кој што имаше за цел прослава на Воскресението Христово. Ние овде како што можете да видите симболично правиме еден гроб кој што го означува моментот кога Исус Христос беше погребан, како и сите луѓе тој зеде човечко тело беше во се еднаков со нас и поради тоа се удостои да биде убиен и погребан како и сите луѓе“ – појаснува Отец Оливер.

Вечерва ќе се изведуваат обреди кои се карактеристични за овој ден, вели Отец Оливер. Тој појаснува дека пред почетокот на светата литургија се пали оган кој што е Велигденски и се нарекува Нов Оган. Потоа се излегува пред влезот на црквата и таму се пали големата Велигденската свеќа, од која свеќа сите верници земаат и ја носаи дома бидејќи Исус Христос ни носи светлина и нов живот.

„Утрешниот ден е продолжение на она што вечерва ќе го имаме, а тоа е почетокот на таа прослава, воскресна и тука можам да напоменам дека луѓето си носат велигденски јадења кои што ќе бидат благословени, тоа е традиција, обред и велигденските јадења, барем во католичката црква е така, не се состојат само од јајца туку човек може да си донесе и некои други јадења како месо сирење и др“.

Отец Оливер, по повод празникот Велигден што во недела 27 март го слават граѓаните со католичка вероиспод, денеска упати честитка.

„Упатувам една срдечна честитка на сите верници кои што овие денови слават и утрешниот ден го прославуваат како најголем празник во христијанството, нека воскреснатиот Исус Христос им донесе светлина, радост и здравје во нивниот живот“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top