Катна гаража ќе има

Во тек е постапка за експропријација на парцела на просторот каде е планирана изградба на катна гаража. Во тек е и изработка на физибилити студија за изградба на вакво паркиралиште на просторот каде моментално се наоѓа градскиот пазар.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се поизвесно е дека Охрид ќе ја добие долго најавуваната катна гаража. На просторот каде моментално се наоѓа градскиот пазар ќе се прави вакво паркиралиште. Тоа е предвидено и со Деталниот урбанистички план, но се чека да се исполнат некои технички услови.

Од технички аспект таму имаме една парцела која е предмет на експропријација и тоа сега е ново настаната ситуација. Почната е постапката за експропријација на таа парцела и во тек е изработка на физибилити студија која ќе ни даде податоци дали е најисплатливо да ја градиме со јавно приватно партнерство или со сопствени средства, вели градоначалникот Константин Георгиески.

Мое лично мислење е дека е поисплатливо да се гради со јавно приватно партнерство, вели градоначалникот. Тој додава дека има заинтересирани фирми за овој капитален проект, но мора да се почека да заврши процесот на експропријација и изготвувањето на физибилити студијата, по што ќе биде распишан тендер.

Ние сме отворени за соработка и би било добредојдено да се инвестира во катна гаража. Нам како град ни е во интерес да добиеме катна гаража, а кој ќе ја изгради тоа е веќе работа на бизнис логика, вели градоначалникот.

Инаку изградбата на оваа катна гаража се најавува уште од 2012год. кога беше донесена и одлука на Совет. Таа треба да зафаќа површина од 1300 метри квадратни и ќе располага со 320 катни места. Со тоа ќе се придонесе кон намалување на сообраќајните прекршоци, ќе се зголеми општата безбедност на учесниците во сообраќајот, а ќе се избегнат и нервозите од немање доволно паркиралишта во градов.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top