Целта е правилно насочување во професионалната определба на учениците. Формиран е и тим кој ќе работи со учениците, а во моментот се подготвува и опремува просторијата посебно одредена за овој кариерен центар.
Средношколците од ЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ ќе добијат помош во бирањето на нивната професионална определба. Ова, нивното средно училиште ќе им го овозможи преку проектот за креирање на кариерен центар кој ќе функционира во рамките на училиштето. Директорот на оваа образовна институција, Јане Цаноски вели дека формиран е тимот кој ќе работи со децата во кариерниот центар, а во моментот ја подготвуваат просторијата во која ќе се работи.
Цаноски додава дека веќе започнале и со опремување на истата, донесени се масички, столчиња за десет работни места, ормарчиња, а доставена е и техничка опрема односно еден ЛЦД телевизор, компјутер и мултифункциски уред кој ќе биде во функција на кариерниот центар. Наставничкиот совет веќе го одобрил изготвениот акционен план според кој ќе се работи.
„Опфаќа низа активности. Во рамките на овој центар учениците ќе можат да стекнат најразлични вештини, вештини за комуникација, да знаат како да напишат CV, како да се однесуваат на интервју за вработување. Верувам дека ќе има доста средби, состаноци со претставници од бизнис заедницата, со успешни локални бизнисмени, со наши поранешни ученици. Како што кажав се со цел да добијат информација плус за можностите за вработување и можностите кои ги нуди пазарот на трудот.“-вели директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, Јане Цаноски.
Цаноски појаснува дека со работата на кариерниот центар ќе бидат опфатени сите ученици од прва до четврта година. Ова според Цаноски го прават бидејќи најчесто кога ќе го завршат средното образование, децата го запишуваат факултетот каде се запишале нивните другари или пак по избор на нивните родители, а кои не се во склад со нивните лични афинитети.
„Знаете, нашите ученици, особено матурантите, се на онаа возраст кога се колебаат во изборот на своите идни занимања, своите идни вработувања, така да верувам дека овој кариерен центар ќе успее во тие цели, да како тим, ги откриеме нивните афинитети, нивните интереси, уште за време на школувањето, се со цел тие да направат вистински избор во тие нивни идни ангажмани, секако да ги искористат максимално тие капацитети.“-рече Цаноски.
Средствата за оформување на кариерниот центар се обезбедени преку УСАИД и младинската мрежа за стекнување на вештини за вработување односно Центарот за развој на образование. За проектот аплицирале во изминатава есен по што веднаш добиле позитивен одговор. Според директорот Цаноски, кариерниот центар најверојатно ќе започне со работа на крајот на овој месец или почетокот на наредниов кога ќе се случат и првите обуки и интервјуа за работа. Откако центарот ќе почне со работа, постепено ќе се зголемува и тимот кој ќе работи со децата. Во моментот тој брои тројца вработени, за подоцна кон него да се приклучат сите професори од сите активи кои функционираат во електромашинскиот училишен центар.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град