Кампања на РСБСП и МВР „Вози одморен“

Во наредните два месеци Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и Министерството за внатрешни работи ќе ја спроведуваат кампањата „Вози одморен“.

 |   | 

Во летниот период бројот на повредени и починати лица во сообраќајни незгоди е двојно зголемен во однос на останатите периоди од годината. 17 лица го загубиле животот минатото лето во јули, а 9 во август во сообраќајна незгода. Затоа РСБСП и МВР организираат кампања под мотото „Вози одморен“. Претседателката на РСБСП од Охрид порача дека во ниту еден момент возачите не смеат да го занемарат заморот проследен со високи температури, бидејќи неретко сообраќајните незгоди предизвикани од замор се со фатални последици.

-Апелирам јас лично и советот да внимаваат на заморот при управување со моторно возило, да бидат одморени при управување со моторно возило и секогаш најмалку 15 минути да имаат одмор после два часа управување со моторно возило.-изјави Гордана Кожуварска претседател на РСБСП.

Покрај заморот еден од клучните фактори за предизвикување на сообраќајна незгода е и возењето под дејство на алкохол. Како изгледа возењето под дејство на алкохол им беше прикажано на возачите во трезвена состојба преку симулација со таканаречени „пијани наочари“ во импровизирана ситуација за се уверат на органиченоста на сетилата под дејство на алкохол. Само на територијата на Охрид за време на викендот биле регистрирани 28 возачи под дејство на алкохол и биле изречени 574 санкции за возење со над дозволена брзина.

-Преземаме превентивни акции покрај оние репресивни акции за кои што ве информираме секојдневно каде што ги санкционираме несовесните возачи, преземаме и вакви превентивни акции со цел да ја подобриме сообраќајната култура, да влијаеме врз свеста на граѓаните дека мораме да ги почитуваме правилата и на тој начин заеднички да придонесеме да спасиме што е можно повеќе животи.-истакна портпаролот на МВР Тони Ангелоски.

2020 година иако се бележи како година со најмал број на сообраќајни несреќи, сепак статистиката бележи високи бројки на починати и повредени лица, односно 125 лица го загубиле животот, а над 5000 биле повредени во сообраќајни незгоди. Кристина Алексиеска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top