Сите Авто школи во државава до 2017та ќе треба да вградат камери во училниците и во возилата со што ќе се снимаат теоретските и практичните часови. Ова е предвидено со новиот предлог Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата. Здружението на авто школи, возачи и инструктори на РМ не ги прифаќа ваквите новини.
Идните возачи и нивните инструктори под будното око на камерите. Во новиот предлог Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата предвидено е до 2017та година сите Авто школи во државава да вградат камери во училниците и во возилата со што ќе се снимаат теоретските и практичните часови. Оваа новина не само што финансиски ќе ги оптовари авто школите бидејќи една таква камера чини околу 2000 евра, туку создава дополнителен стрес и кај кандидатите и кај инструкторите. Тие цело време додека се на предавање или додека возат ќе бидат сконцентрирани на камерата, а не на часовите, велат сопствениците на авто школите.
Воведувањето на камерите нема да донесе поквалитетна обука туку на овај начин има задирање во приватноста на кандидатите, а и на инструкторите кои не ќе можат да ги покажат сите свои квалитети во пренесувањето на знаењето и обучувањето на кандидатите, вели Јонче Апостоловски, претседателот на Здружението на авто школи, возачи и инструктори на РМ.
Здружението на авто школи, возачи и инструктори на РМ неодамна одржа дебата со 90тина авто школи од државава на која и возачите и инструкторите ги искажале своите ставови во однос новините кои ги предлага МВР за дополнување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, а конкретно за воведување на камери во возилата на авто школите. Сите се со ист став дека оваа мерка во никој случај нема да го зголеми квалитетот на возачкиот испит туку ќе го уназади. Тоа за ТВМ го потврдија и сопствениците на охридските авто школи. Дел од нив велат дека ако целта на овие новини е да се спречи фиктивното издавање на потврди за посетување часови тоа може да се направи и на поинаков начин. Предлагаат воведување на минимална цена за обука и електронско водење на евиденциите каде МВР може секогаш да има увид.
Ќе доставиме барање до МВР да одржиме работна средба со нивни преставници каде би ги образложиле сите наши мислења во врска со одделните законски решенија кои задираат во работата на авто школите и да ги соочиме аргументите за и против, вели Апостоловски.
Претседателот на Здружението на авто школи возачи и инструктори кажува дека вакви мерки досега не се спроведени во ниту една земја од опкружувањето ниту пак во земјите од ЕУ. Се надеваат дека ќе се земе во предвид нивното мислење и дека тие нема да се имплементираат во измените на законот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град