Жителите на улицата „Петрино“ наместо на асфалт веќе шест месеци газат во кал. Тоа е поради несериозниот однос на оние кои вршеле градежни зафати на оваа улица, тврдат граѓаните. Бараат под итно да се санира овој за нив голем проблем. Од Локалната пак велат да се стрпат до напролет.
Жителите на улицата „Петрино“ се закопани во кал. Откога кон крајот на мај почнала да се раскопува оваа улица која претходно била асфалтирана и тоа со пари на граѓаните, тие имаат голем проблем кој никако да се реши. Жителите кажуваат дека градежните работи на Петрино ги спроведувале кабелските оператори ТВ Алсат и Инфел, а подоцна на средината од улицата раскопувале од ЈП „Нискоградба“ за поставување на цевки за фекална канализација. Откога завршиле со зафатите само ја пошлунчиле улицата и си заминале.
Никола Тренески, жител на оваа улица вели дека децата со гумени чизми одат на училиште, а возрасните ги искршиле автомобилите поради дупките на улицата.
И останатите жители од оваа улица реагираат до надлежните и бараат од нив да си ја доведат улицата во нејзината првобитна состојба што е нивна законска обврска.
Цветко Спировски вели дека се јавиле во ЈП Нискоградба и разговарале со директорот. После тоа дошла екипа и фрлила само еден тенок слој песок кој сега го нема поради дождот кој неодамна заврна.
Од ЈП „Нискоградба“ тврдат дека тие го санирале се она што го оштетиле. Додаваат дека сега на потег е Локалната која треба да ја асвалтира оваа улица. Од Локалната пак со објаснување дека во овој временски период не може ништо да се направи бидејќи времето е ладно и не работат асвалтните бази. Од таму ветуваат дека штом ќе се подобрат временските услови веднаш ќе го решат овој проблем на граѓаните од улицата „Петрино“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град