Ќе се субвенционираат занаетчиите вршители на дејност кои не добиле буџетски средства од проектите во 2014 и 2015 година, имаат деловно седиште во Република Македонија и ги имаат подмирено сите обврски кон државата. Тоа ќе се прави преку кофинансирање до 70% од докажаните трошоци, но не повеќе од 150 000 денари. Од занаетчиската комора од Охрид велат дека во градов воопшто нема интерес за ова субвенционирање.
Министерството за економија објави Јавен повик за Субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање до 70% од докажаните трошоци, но не повеќе од 150 000 денари. Овој повик е согласно Програмата за конкурентност иновации и претприемништво за 2016 година. Право на учество на Јавниот повик имаат занаетчии и вршители на дејност кои не добиле буџетски средства од проектите во 2014 и 2015 година, имаат деловно седиште во Република Македонија и ги имаат подмирено сите обврски кон државата.
Знам дека воопшто нема интерес за ова субвенционирање бидејќи занаетчиите велат државата прво да им ги даде парите па тие ќе ги прикажат трошоците. Се плашат дека ако инвестираат нема да им се вратат средствата, објаснува претседателот на занаетчиската комора од Охрид, Сашо Богоески.
Државата со годинешната програма ќе ги покрие трошоци за Набавка на опрема и алат, Уредување и подобрување на деловниот простор, Изработка на визуелен идентитет на производ, Дизајн на проивод, Надоместување на трошоци за добивање на мајсторска титула и Стручно осопособување на занаетчиите. Богоески објаснува дека ваквото субвенционирање за прв пат било воведено во 2012та година кога бил и најголем интересот бидејќи занаетчиите мислеле дека сите ќе добијат по 3000 евра. Но набргу оваа информација се покажала како неточна па биле субвенционирани само дел од занаетчиите и тоа со кофинансирање на 70% од прикажаните трошоци.
Знам дека тогаш тројца занаетчии од Охрид аплицираа преку проектот Македонски автентични ракотворби но ниту еден не доби. Едниот имаше проблем со банкарската гаранција, другиот со незаверени документи кај нотар, третиот ја немаше потребната документација така што никој не зеде ниту денар од државата, вели Богоески.
Претседателот на занаетчиската комора од Охрид кажува дека на сите заинтертесирани ќе им помогнат околу подготвувањето на документите и пополнувањето на формуларите за аплицирање за проектот. Крајниот рок истекува на 31-ви мај 2016 година.
Инаку, во Охрид има регистрирано 263 занаетчии од кои 9 се новорегистрирани во текот на оваа година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град