Традиционално неколку години наназад по повод овој ден се вози и велосипедската тура околу езерото во организација на велосипедскиот клуб Еко-Дром. За жал, од таму велат дека не ја добиле финансиската поддршка од градот домаќин на годинешниот Ден на Охридското Езеро, Поградец.
15 годишнина од одбележувањето на 21 Јуни, Денот на Охридското Езеро. Уште од 2000та година, овој ден се одбележува со посебна манифестација во еден од трите града кои лежат на Охридското Езеро, Охрид, Струга и албанскиот Поградец.
Годинава, токму Поградец е домаќин на одбележувањето на Денот на Охридското Езеро. За посетителите од крајезерските градови, домаќините организираа саем на традиционални производи, културни и спортски манифестации. Во агендата е поместено и свечено отворање на два хотелски капацитети. Од Охрид, на настанот во Поградец ќе учествува заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев. Веќе години наназад, велосипедскиот клуб Еко-Дром од Охрид, заедно со туристичкиот кластер „ЕДЕН“ по овој повод заедно со ентузијасти и велосипедисти од целата држава ја вози и познатата тура околу езерото. Александар Јованоски од велосипедскиот клуб Еко-Дром од Охрид вели дека освен турата, годинава планирале да одржат и четиридневен семинар на тема „Алтернативни видови на туризам“ со посебен акцент на велосипедизмот. Јованоски потенцира дека на истиот учество би зеле 36 лица од светскиот велосипедизам од Италија, Америка како и членови на Меѓународната асоцијација на велосипедисти.
Сепак вели дека годинава за жал не добиле никаква финансиска поддршка за организација на турата од градот домаќин со што не успеале да добијат ниту странски донации за одржување на конференцијата.
„Од нашата локална самоуправа не ни стигнавме да побараме помош бидејќи проектот уште пред два месеци беше откажан кога општина Поградец не сакаше да земе основно учество. Требаше тие да го прифатат проектот, да станат партнери во проектот, нивна обврска беше да обезбедат ноќевање, доручек и вечера за професионалните тимови, отприлика 150 не повеќе од 200 лица кои би зеле учество, а останатите средства беа од странски донатори. Бидејќи општина Поградец не го прифати тој предизвик да не прими како домаќин оваа година, ја прекинавме целосно постапката така да не ни побаравме помош од општина Охрид и општина Струга.“-вели Александар Јованоски од велосипедскиот клуб „Еко-Дром“-Охрид.
Според проект координаторот и еден од основачите на туристичкиот кластер „ЕДЕН“, Александар Сотироски, велосипедската тура околу езерото, не е само начин на одбележување на Денот на Охридското Езеро, туку и вистинска туристичка понуда.
„Гостите кои што доаѓаат кај нас секоја година, дури имаме и гости кои тука традиционално доаѓаат за вакви настани, знаете дека странците се малку посвесни за сопственото здравје и ова е еден од најдобрите начини да го поттикнеме и туризмот, воедно овој регион кој е навистина фантастичен за велосипедизам и за било каква надворешна активност која ни ја нуди оваа област.“-рече Александар Сотироски, проект координатор во туристичкиот кластер „ЕДЕН“.
Годинешната тура, екодромци решиле самоиницијативно, ентузијастички да ја извозат бидејќи воедно со неа денес ќе обележат и 5 години постоење. Инаку познатата тура околу езерото е долга 97 километри и се вози преку Струга, преминот Ќафасан, потоа Лин и Поградец па Свети Наум, Трпејца, Пештани и завршува во Охрид. На годинешнава тура учество зедоа околу четириесетина велосипедисти од кои најмалиот имаше само 9 години.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град