ЈП„Нискоградба“ доби зелено светло за кредитното задолжување

Кредитот во износ од 6 милиони денари ќе се користи за обезбедување на обртни средства и подмирување на данокот спрема државата.

 |  Мишел Наумоски  | 
нискоградба
Нискоградба

Општината даде амин на кредитот за ЈП „Нискоградба“-Охрид. По многу натегања околу потребата за вакво кредитно задолжување, и остри реторики, „Нискоградба“ конечно ја доби очекуваната финансиска инјекција, ама засега само на хартија. Инаку станува збор за рамковен и исклучиво наменски кредит, кој ќе биде употребен за обезбедување на доволна количина обртни средства за претпријатието, како и подмирување на обврските за ДДВ спрема државата.

„Тоа е рамковен кредит. Значи сиве јавни претпријатија во градов па и во државава имаат таков кредит. Тоа е можност во одреден период ако има потреба претпријатието дали дневна, дали неделна, за одредени финансиски средства за да заврши одредена работа, има можност тоа да го реализира преку рамковниот кредит. Ги зема парите, ја завршува работата, па штом се соберат парите, ги враќа истите во банката. Значи тоа е долгорочно задолжување кое би се користело за цело време и би претставувало еден вид финансиска институција која што би го држела претпријатието.“-рече Владо Цветкоски-Директор на ЈП Нискоградба-Охрид.

Vlado CvetkoskiЦветкоски вели дека овој кредит е особено значаен за подмирувањето на долговите спрема државата по основ на ДДВ. Тој потенцираше дека данокот со кој државата ја задолжува „Нискоградба“ е всушност данок на фактурираните побарувања, а не на наплатените, со што само за 2011 година, државата акумулирала побарувања спрема „Нискоградба“ од 1.900.000 денари. Цветкоски појаснува дека со 70% наплата колку што остваруваат во моментот овие обврски не можат да се подмират. Проблемот Цветкоски го лоцираше и во недостатокот од свежи обртни средства. Целата постапка околу кредитот ќе започне наскоро.

„Постапката сега ни е да објавиме јавен оглас преку Бирото за јавни набавки, да ги повикаме банките да ни достават понуди и после тоа, во нормална постапка ќе го избереме тој што ќе достави финансиски најповолна понуда. Најверојатно ќе одиме со 100% учество на каматата при изборот на понудата. Значи ќе добие тој што ќе понуди најниска камата.“-вели директорот Цветкоски.

Директорот за крај упати и апел до сите граѓани кои имаат неподмирени обврски спрема „Нискоградба“ истите да ги подмират во најбрз можен рок. „Така ќе му помогнат и на претпријатието, но најмногу на себеси бидејќи заостанатите долгови за да не застарат, ние мораме да ги дадеме на извршител преку нотарска служба, а тоа значат додатни трошоци за граѓаните кои се многу поголеми отколку сметките кои ги плаќаат на нашето претпријатие.“-вели Цветкоски.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top