Јанев: Македонија со која сите ќе се гордееме

Македонија треба да има светла иднина која мора да се гради со младите во прв ред, сметаат дел од охридските советници. Слични се размислувањата на луѓето кои го креираат јавното мислење. Нивната порака пак е, Македонија да стане земја каде младите ќе имаат можност да ги креираат своите соништа.Република Македонија денеска одбележува 25 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес, 08 септември кога празнуваме 25 години независност, можеби вистинско време е секој граѓанин на Македонија да размислува и да има свои желби и визија, како треба да биде нашата земја после 5 години. Македонија со која сите ќе се гордееме. Ова е пораката а воедно и желба на Ангел Јанев, советник во Охридскиот совет, заменик градоначалник на Охрид и сопственик на приватниот образовен центар ПИ СИ од Охрид. Јанев на сите македонци им го честита празникот а посебно на помладите им порача дека Македонија може и треба да биде најпрекрасно место за живеење.

„Очекувам да добиеме една зрела држава во која што држава многу луѓе ќе си ги исполнат сите оние видувања, барања за подобар живот. Би порачал на сите оние кои што денешниот ден го славиме на некој начин и порачуваме на сите други да си ја сакаме, почитуваме и развиваме нашата земја не само во наредните 5 години туку и понатаму во едно историско опстојување во сите услови кои не опкружуваат“.

Советникот Јоне Станкоски смета дека треба младите повеќе да се ценат и да им се дадат услови кои ги заслужуваат, да не ги пуштаме туку така да си одат. Станкоски стравува наредниве пет години да не дојде момент кога ќе зборуваме дека нашава држава и во регионот и во Европаќе биде држава со најстаро население.

„Демократизација на целокупното општество, партиската книшка да не биде предуслов за вработување, институциите да не работат под партиски диктат, да се создадат предуслови да вредностите испливаат на површина со градење на еден таков систем, писмените луѓе да можат да се пронајдат во општеството, македонскиот работник во наредниот период барем за почеток да прима плата барем 30 – 40 % од личниот доход од работниците кои го примаат во Европската Унија“

Македонија има перспектива и во наредните 5 години тоа се повеќе ќе доаѓа до израз, смета Соња Рилковска, дописник од Охрид за приватната национална телевизија „Канал 5“. Таа очекува многу прашања да бидат решени, посебно прашањето околу спорот со името.

„За 5 години би сакала Македонија да биде силна просперитетна држава, дел од европското семејство во која младите ќе можат да гхи остваруваат своите соништа. Лично сметам дека сме на добар пат, чекориме напред, бележиме економски напредок, се спроведуваат Европските реформи. На овој голем ден на денот на независноста на нашата држава посакувам да се надминат сите политички кризи и премрежја, а Македонија да биде дел од европското семејство, нашата исконска држава да биде една силна земја во која што ќе живеат среќни граѓани“

Пред 25 години на референдумот одржан на 8 септември 1991 години 95 насто од граѓаните се изјаснија за независност на земјата од поранешна Југославија. Волјата на народот за самостојна и суверена држава беше потврдена на 25 септември 1991 година, кога беше усвоена Декларација за независност во првиот повеќепартиски македонски парламент. На 17 ноември истата година беше донесен и новиот Устав на Република Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top