Според унгарскиот амбасадор во Република Македонија, Јозеф Бенце, во дипломатијата, најлесно се градат мостови помеѓу народите токму преку културата.
Уметничките дела на доајените на ромската уметност од Унгарија од денес пред охриѓани. Во центарот за култура „Григор Прличев“ во присуство на амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Јозеф Бенце, како и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денес беше отворена изложба на исклучително значајни уметнички дела. Истите добиваат на значење зошто опфаќаат автори со најизразено творештво од 60-те години од минатиот век, време кога се креира ликовната култура кај Ромите, по која се водат и денешните генерации. Амбасадорот Бенце вели дека тој искрено ги поддржува сите иницијативи на ромите во Унгарија бидејќи имал можност, благодарение на пријателствата кои ги стекнал, да ги открие нивните вистински вредности.
„Тој случај беше добра основа и момент кога сретнав и се запознав со многу пријатели од ромска националност и оттогаш ги поддржувам нивните иницијативи и еве мене ми е навистина драго што имаме можност во вашиот град да ги прикажеме овие уметнички дела кои се создадени од уметници од ромска националност. Дипломатијата на Унгарија се потпира на три столба, класична, културна дипломатија и економска дипломатија, но уверен сум во тоа дека помеѓу две држави најлесно се гради мост преку културата, мост кој спојува многу луѓе. Можеби не го говориме истиот јазик, но кога ќе ги погледнеме овие слики, сите го разбираме истото.“-вели Јозеф Бенце-амбасадор на Унгарија во Р.Македонија.
Унгарија, според градоначалникот Бакрачески е веќе докажан пријател на Македонија, пријателство каде посебно место зазема токму Охрид. Додава дека оваа изложба е уште еден придонес во јакнење на тоа пријателство.
„Презентацијата на ликовното творештво на ромските ликовни уметници од Унгарија е само дел од Европската стратешка определба за целосна еманципација на Ромите, процес кој последниве децении се интензивира. Република Македонија, вклучувајќи го и Охрид, со бројни активности перманентно и системски работи на целосна еманципација на ромската етничка заедница и нејзино рамноправно учество во политичкиот и општествениот живот. Почитувани, почестени сме што оваа изложба на доаените на ромската ликовна уметност во Унгарија ќе биде дел од богатиот мозаик на културни настани што се одржуваат во Охрид“.-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Амбасадорот Бенце, во насока на потенцирање на значењето на пријателството помеѓу Унгарија и Македонија, и особено она помеѓу збратимените градови Веспрем и Охрид, информираше дека на одлука на нивното Министерство за надворешни работи се планира отворање на уште два конзулати во земјава, едниот во Тетово, а другиот токму во нашиот Охрид. Инаку дел од оваа изложба се 28 изложени дела од 19 ликовни уметници и истите се изложени во големиот изложбен салон во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град