Ова го најави директорот на Општата болница, д-р Љубен Арнаудов. Тој потенцира дека за состојбата на ова одделение е известено и Министерството за здравство.
Проширување на геријатриското одделение за подобрување на условите за престој на пациентите. Ова е желбата и планот на раководството на Општата болница од Охрид во чии рамки функционира ова одделение. Директорот на Општата болница, д-р Љубен Арнаудов вели дека тие имаат изработено план со цел да се реши повеќегодишниот проблем, а кој вклучува изградба на уште еден кат над постоечката зграда.
Според д-р Арнаудов, архитектонските капацитети на зградата даваат можности за вакво решение. Целта според него, е да се изградат современи соби во кои ќе има по два кревети, односно пациенти.
„Овде се субстандардни услови и покрај тоа што ние комплетно го реновиравме одделението, сепак има по 3, 4, 5 пациенти во една соба. Во 21ви век не е допустлива таа работа. Би требало да бидат по двајца во соба, во современи простории, изолирани, термо изолирани, на зима да биде топло, на лето ладно, бидејќи стариве луѓе се изнемоштени, во слаба физичка кондиција и на тоа треба да се внимава.“-рече директорот на Општа болница-Охрид, д-р Љубен Арнаудов.
Идејата на раководството на Општа болница, доби поддршка и од локалната самоуправа.
„Геријатрија има потреба од помагала, има потреба од луѓе од една страна, од друга страна има потреба од инфраструктурно проширување како што рече директорот. Локалната самоуправа прави напори во иднина да го реши тој проблем. Директорот Љубен Арнаудов, градоначалникот Никола Бакрачески, со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски постојано работат на тој проблем, но да не кажуваме датуми и рокови, јас се надевам дека во најбрз можен период тој проблем ќе се отвори.“-вели заменик-градоначалникот, Ангел Јанев.
За проблемот со просторните капацитети на охридското геријатриско одделение, директорот на Општата болница, Љубен Арнаудов вели дека е запознаено и Министерството за здравство. Додава дека тие веќе работат на некој проект кој треба да ја реши долгогодишната ситуација. Со оглед на тоа дека ниту раководството на Општа болница, ниту пак од локалната самоуправа не беше даден конкретен рок за реализација на можното проширување на геријатрија, останува само да почекаме и видиме од кога пациентите на ова одделение ќе добијат современи услови и можност за достоинствена старост.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град