Избрани трите најубаво украсени дворови во Охрид

Женскиот центар Бисера и оваа година ја продолжи својата традиција по повод светскиот ден на екологијата 5ти јуни да прави избор на најубаво украсени дворови во градов.

 |  Мишел Наумоски  | 

Ова е дворот на Томе Матовски, еден од трите најубаво украсени дворови во Охрид, кои женскиот центар „Бисера“ традиционално секоја година ги избира по повод светскиот ден на екологијата, 5ти јуни. Годинава нема први, втори и трети места. Од женскиот центар „Бисера“ велат дека изборот е толку тесен што неблагодарно е тие да се рангираат. Дворот на Матовски е здружен труд на целото негово семејство. Тој вели дека потребна е посветеност, но и мерак да се уреди дворот по сопствен вкус.

„Време секогаш има, ако сакаш да ти е убаво на душата кога седиш во дворот и едноставно да се одмориш убаво. Благодарение на моите домашни, синот, снаата, ќерката и сопругата кои сето ова го смислија, а другата работа беше се моја, каменот што го гледате е донесен од езеро, плочките лично јас ги правев, и ги редев, се е уникатно и се е мој труд. И многу ми е мило што најдоа да го одберат мојот двор како еден од трите најубави.“-вели сопственикот на еден од најубаво украсените дворови, Томе Матовски.

Се повеќе охридски дворови се дотеруваат естетски и се украсуваат, вели претседателката на женскиот центар „Бисера“, Наде Мартиноска. Таа додава дека секоја наредна година изборот им станува се потежок и потежок што од друга страна пак вели дека им е задоволство што се повеќе охриѓани ги уредуваат своите дворови.

„Она што го бараме како еден критериум да кажам во изборот на убавите дворови, не е важно да дворот биде начичкан со многу цветови, со многу шаренило, напротив. Ние бараме покрај цвеќето, да има и убави елементи, кои што кога ќе го погледнете целокупно дворот, ќе даде една убава слика, еден убав впечаток, дека домаќинот од дворот навистина се грижел и се потрудил да направи нешто убаво.“-рече Мартиноска.

Покрај дворот на Матовски, како најубаво избрани дворови оваа година беа уште и дворовите на Марија Тренкоска и дворот на Адем Дури. Сопствениците на дворовите, освен пофалниците од женскиот центар „Бисера“, како награди добија и садници благодарение на ЈП „Охридски комуналец“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top