Исламските верници од денес го прославуваат Курбан-бајрам

Исламските верници од денес го прославуваат  Курбан-бајрам.  На овој ден се врши ритуалното принесување жртва. Оваа древна традиција години наназад се изведува и во Охрид. Денес се жртвуваат животни чие месо потоа се дели на посиромашните муслимански семејства. И градоначалникот Никола Бакрачески учествуваше на овој традиционален обред.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Исламските верници денес го прославуваат првиот ден од Курбан-бајрам. Во исламската вероисповест тоа е најголемиот муслимански празник и се одбележува три дена. Уште се вика и хаџиски бајрам бидејќи муслиманите одат на хаџ во Мека. Градоначалникот Никола Бакрачески на сите граѓани од муслиманска вероисповед им го честита празникот велејќи дека градот Охрид отсекогаш бил специфичен, посебен и уникатен поради почитувањето на традицијата и празниците, без оглед од која заедница се тие. Почитувајќи се меѓусебе овој град долго опстојува низ вековите живеејќи сите заедно на овие простори, изјави Бакрачески.

Ова се средби кои навистина заслужуваат внимание и ние во локалната дадовме голем допринос во одржувањето на традицијата и обичаите како што се одбележување на верските празници и на христијанските и на муслиманските и е добар поттик граѓаните на Охрид да се вратат кон оние добри стари традиционални вредности, рече градоначалникот.

Курбан – бајрам е посебен празник бидејќи на овој ден се врши ритуалното принесување жртва. Оваа древна традиција години наназад се изведува и во Охрид. Како што појасни Фаид Бајрам денес се жртвуваат животни чие месо потоа се дели на посиромашните муслимански семејства. Оваа година ќе бидат поделени околу 400 пакети со месо само во општина Охрид.

Ние овде сме собрани да им поделиме на нашите сограѓани месо од курбанот. Тоа секоја година го правиме. Му благодариме на градоначалникот што ни направи чест и не посети и што ни помогна во организирањето на овој настан. Се надевам дека и наредните години оваа соработка ќе продолжи, рече Бајрам.

Инаку Курбан-Бајрам доаѓа два месеци и 10 дена после Рамазанскиот бајрам. Празникот Курбан-бајрам е востановен во сеќавање за тоа како пророкот Ибрахим бил подготвен по заповед на Бога да му го принесе на жртва својот сакан син Исмаил. За таа покорност и богобојажливост, Ибрахим е послан да жртвува овен, а синот да ја одбегне оваа судбина.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top