ОУ Св. „Климент Охридски“ е целосно подготвено да ги примени насоките дадени од Министерството за образование и наука како училиштата во кои има деца со посебни образовни потреби да ги организираат паралелките. Се чека да дојде специјална Комисија од МОН која ќе даде препораки кои деца ќе одат во редовна настава, а кои ќе останат во посебните образовни паралелки.
20 деца со посебни образовни потреби, распоредени во три паралелки, ја започнаа новата учебна година во ОУ Св. „Климент Охридски“. Во нив има деца со различен спектар на посебност. Има со аутизам, даунов синдром, инвалидност. Со нив работат наставници дефектолози. Од неодамна има и 16 ученици со потешкотии кои се вклучени во редовните паралелки со кои работи инклузивен дефектолог. Со новиот Закон за основно и средно образование донесен неодамна од ресорното Министерството се дадени напатствија како училиштата во кои има вакви ученици во иднина да ги организираат паралелките.
Според напатствијата кои ни се дадени очекуваме допрва да ни дојде Комисија од МОН која ќе ни ги даде насоките како понатака и кои деца ќе одат во редовната настава, а кои ќе одат во посебните образовни паралелки, вели Наташа Танеска, директор на ОУ Св. Климент Охридски.
Комисијата треба да го посети ова училиште до крајот на месецов и да ја воочи состојбата, а цел образовен концепт за лицата со посебни потреби практично би започнал наредната учебна година, додека годинава ќе се направи само комисиска селекција. Директорката кажува дека ги имаат сите потребни услови кои Министерството ги бара за реализација на новиот закон за основно и средно образование. Ова училиште има долгогодишно успешно искуство во образовниот процес со инклузија на деца со посебни потреби во сите школски и воншколски активности.
Најмногу од учениците, но и од нас наставниците досега се успешно прифатени. И претходно, а и сега не сме ги одделиле во ниту една сфера од функционирањето на училиштето и гледаме да ги вклучиме онолку колку што се може во целосната равбота на училиштето, вели Танеска.
Училиштето располага со три училници кои се специјално прилагодени за децата со посебни образовни потреби, а од пред неколку години во функција е и сензорната соба која на некои од нив им помага во полесно совладување на наставните предмети.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град