Иницијатива за прогласување на Ресторан Парк за споменик на културата

Граѓанската иницијатива Охрид SOS поднесе иницијатива за прогласување на ресторан дискотеката „Парк“ во Охрид за споменик на културата. До прогласувањето,  активистите бараат итна привремена заштита на недвижното добро според Законот за заштита на културното наследство.

 |   | 

Охрид ЅОЅ поднесе Иницијатива за прогласување на Ресторан Парк за споменик на културата. Награденото архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов вреди да биде зачувано според стручните лица од архитектурата  но и според голем дел од охридската јавност која е против негово рушење посочуваат од Охрид СОС.  Делото на архитектот Павел Балабанов претставува исклучително значаен и редок пример на современа архитектура од втората половина на XX век, чии вредности како од обликовно естетски, така и од статичко-конструктивен аспект, се несомнени, што се потврдува со специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година.

Иницијативата е поттикната од неодамна објавениот план за негово рушење и изградба на 4-катен хотел на 50 метри од брегот.  

„За жал, како резултат на неповолна затекната урбанистичка документација која го штити приватниот интерес, на штета на јавното добро, како и моменталниот недостиг од правна заштита на споменикот, овозможена е негова неповратна загуба, и покрај јасно изнесениот став на јавноста која е против негово рушење со цел изградба на хотел. Рушењето на овој објект за да се изгради здание со неколкукратно поголем габарит непосредно  на самиот брег на Охридското Езеро, односно вклучително дури и во заштитниот појас од 50м  од највисокиот водостој, драстично ќе ги влоши изгледите Охридскиот  Регион да остане на  листата на светско наследство на УНЕСКО, што декларативно е една од основните заложби на Владата“ се вели во иницијативата на Охрид ЅОЅ.

Иницијативата е доставена до Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, Канцеларијата на претседателот на владата и Асоцијацијата на архитекти на Македонија. До прогласувањето за споменик на културата, бараат ИТНА привремена заштита на објектот според чл. 39 од Законот за заштита на културното наследство.

Воедно од Охрид СОС посочуваат дека  Владата може да го откупи објектот од моменталните сопственици и да го пренамени, по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители. Одржлив развој е можен. Единствено е потребно искрени, стручни и посветени луѓе да ги носат одлуките, потенцираат од Охрид SOS.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top