ИмпроВокација, кабаретски спектакл, еднаш неделно во Охрид

Директна комуникација со публиката, преку нов театарски жанр, театарска импровизација. Станува збор за серијал на премиери кои ќе имате можност само еднаш да ги гледате и во истите интерактивно да се вклучите.  Импровокативците, односно охридските актери Тодороски, Стаматовски и Кипровски, ве очекуваат утре во 20 часот во ЦК „Григор Прличев“, бројот на публиката е ограничен.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Кабаретски спектакл секоја недела во Охрид. ЦК „Григор Прличев“ во соработка со дел од актерската екипа на охридскиот Народен театар промовираа новина која за прв пат се случува на овие простори, но и пошироко. Станува збор за проектот ИмпроВокација, серијал на една нова форма театарски импровизации со актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски.

„Нешто што секогаш е различно, практично секое нивно излегување на сцената е нова премиера. Се работи за одредена интеракција помеѓу актерите и публиката, не е ништо веќе смислено, туку практично целата приказна е отворена. И таа отворена приказна би овозможила една силна интеракција помеѓу публиката и актерите. Значи тука може ексклузивно да се види нивната способност како заеднички со публиката на лице место творат претстава“ – нагласи Горан Стојаноски, директорот на ЦК „Григор Прличев“.

За значењето на театарската импровизација говореше актерот Стрезо Стаматовски. Тој појасни дека оваа театарска форма е стара колку и театарот, односно пред да настане и комедијата. Стаматоски нагласи, дека како актери, имаат чест и можност да ја демистифицираат магијата на создавање на сцените во театар пред публиката.

„Во современо време театарската импровизација ја прифаќаат и доработуваат амеркианците во една форма на шоу. Точно така театарката импровизација е форма на театар во која што ликовите, дејството, заплетот, расплетот, околностите се случуваат точно во моментото на сцената. Затоа театарската импровизација нема премиерно изведување практично секоја претстава е премиерна изведна и тоа е финално и повеќе не се повторува.  Театарската импровизација пред се е забава. Често слушам од одредена публика дека…еј, моногу сакам да одам на театар, за да ми биди забавно, значи многу е погрешно да гледаме на театарот само на забава, театарот е нешто многу повеќе од забава. Театарските импровизации се само забава и ништо друго“ – рече Стаматовски.

Проектот ИмпроВокација долго време се крчкаше помеѓу нас, вели актерот Никола Тодороски. Тој рече дека внесувањето на нови жанрови и кај нив предизвикува посебна фасцинација и тој како актер секогаш настојувал да внесува нови жанрови. Тодоровски нагласи дека новото шоу на почеток ќе се изведува пред охридската публика, а понатаму ќе се прошири и во другите градови.

„За да се случи добра претстава на импровокација потребни се добри идеи, глумци, публика. Комплетната состојба треба да се доведе до едно енергетско ниво кое се разбира ние ќе се потрудиме да го направиме заедно со публиката. Значи публиката во овој спектакл е директен учесник така што оние што не успеале да дојдат на премиерата утре ќе имаат прилика понатака да бидат дел од ова шоу и директно да учествуват во него“ – изјави Тодороски.

Импровокација ќе биде еден вид детска игра на едно базично ниво. Ќе се бара од публиката да игра на сцена со актерите, некој да озвучува нешто на микрофон. Поентата е да се направи една опуштена атмосфера кај публиката, вели актерот Филип Кипровски.  

„Секоја од игрите си има свои правила кои што се еден вид на рамки, но сето она што е суштината и темата на секоја од игрите и сцените треба да произлезе од публиката. И мене ми е предизвик ова што ќе се случи утре, но навистина се радувам, заради тоа што, еве не е важно што прв пат ќе се случува на нашиве простори, туку тоа што ние ќе го правиме тоа, овде во нашиот театар и се надевам дека ќе се навикне публиката на сето тоа и ќе им биде драго што ќе се дел од еден театарски процес“ – вели Кипровски.

Првата Импровокација е утре со почеток со 20 часот во ЦК „Григор Прличев“. Бројот на посетители е ограничен и за почеток тој ќе биде околу 80. Актерите пренесоа дека обично кај нас импровизацијата се разбира во негативна смисла, а напротив во претставите на импровизацијата се гледа како на креативен процес, практично глумците пред публиката целосно се разголуваат, нема ништо скриено, нема услови, освен оние задачи кои ќе бидат договорени со публиката. Адаптиран е долниот подрумски простор во Центарот за Култура каде првично ќе бидат прикажувани претставите. Претставите ќе бидат за посетители за популацијата на возраст над 14 години.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top