Семејството Илбер засега останува во својот дом

Семејството Илбер кое требаше деновиве да биде иселено од бараката во која живее веќе петнаесет години, а за што ТВМ во неколку навратти информираше, засега останува во својот дом. Директорот на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов вели дека ќе имаат одредена толеранција додека семејството не се снајде каде да се смести, но додава дека ова е само привремено и дека треба да се изнајде целосно решение за овој проблем.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Демо Илбер заедно со неговата сопруга и 8 те малолетни деца засега нема да ја напуштат бараката во која живееле 15 години. Иако пред една недела добија решение за иселување, директорот на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов вели дека ќе имаат одредена толеранција додека семејството не се снајде каде да се смести.

Нема да ги иселиме за осум дена. Ние многу пати досега сме пуштиле вакви решенија, но не сме ги иселиле. Преовладуваат човечките и хумани чуства, но ова е само за некое време, можеби да ја поминат зимата бидејќи од таа барака секако ќе мора да се иселат зошто нема основни услови за живот, објаснува Грозданов.baraki

Директорот на агенцијата кажува дека семејството Илбер не исполнува никакви услови за да се стекне со станарско право бидејќи во бараката се диво вселени по 2006год, откога стапил во сила новиот закон за станарско право.  Додаде дека семејството имало поднесено барања за добивање станарско право за бараката, но од надлежните од Министерството за транспорт и врски и од Комисијата за станбени прашања при Владата на РМ, добиле негативен одговор.  Директорот изјави дека на ова семејство му биле дадени насоки и рок да најде решение, но бидејќи станува збор за  ранлива категорија граѓани, во решавање на нивниот проблем треба да се вклучат и други институции и невладини организации.

Треба да се подигне свеста кај граѓаните и да му се помогне на ова семејство. Треба да се изнајде вистинското решение, а ние како акционерско друштво не можеме да го направиме тоа. Затоа постои комисија при министерството за транспорт и врски која треба да се завземе за овој случај, вели Грозданов.

Инаку Грозданов, појаснува дека дел од бараките меѓу кои и таа каде што во моментов живее семејството Илбер се во катастрофална состојба, реално нема услови за живот и тешко дека ќе може да ја издржат зимава. Па поради безбедносни причини бараките треба да бидат отстранети. Директорот открива дека набрзо на тоа место предвидена е изградба на деловно станбен комплекс кој веќе е влезен во програмата на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, што претставува концепт за решавање на целиот комплекс бараки. Сите оние кои имаат документи ќе добијат стан, а на дел од нив веќе им бил решен статусот со доделување стан во социјалната зграда.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top