Идејата за изградба на регионална депонија во Годивје е напуштена

Од министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека студијата е ревидирана и се бара нова локација за регионална депонија. Државниот секретар за животна средина открива дека  се разгледуваат различни опции во насока депонијата да не биде во сливното подрачје на Охридското езеро.

 |  Соња Рилковска  | 

Дебарца ја доби битката, министерството за  животна средина се откажа од идејата за изградба на депонија во селото Годивје. Сега се бара нова локација, надвор од сливното подрачје на Охридското езеро.

Под притисокот  на стручната јавност и населението на Дебрца,  кое под никакви услови не попушташе да се гради депонија во еколошки чистата средина,  се напушти таа идеја.

Второстепената владина комисија го поништи решението, поради пропусти при што не беа земени мислења на стручната јавност и Унеско,  а предметот повторно е вратен на разгледување.

„Сакам јасно да кажам, дека нашето мислење и сите еколошки аргументи укажуваат на тоа дека Дебрца како дел од сливното порачје на Охридското Езеро не смее да биде локација каде би се градела таква постројка. Тоа решение треба да се бара надвор од сливот. 0312 Ние  како Општина сме свесни за потребата од решавање на проблемот со отпадот, во целост ги поддржуваме напорите на Унеско дека треба да се бара решение но со оглед на тоа што Југозападниот плански регион зафаќа девет општини од кои повеќето надвор од сливот на Охридското Езеро, решението треба да се бара на друго место, секое друго решение е попаметно, истакна градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, појасни дека ревидирана е студијата и дека  се бара нова локација за регионална депонија.

„Ние ја напуштивме таа идеја, таа идеја за изградба на депонија во Годивје, ние дури ја анализираме можноста заради поекономично управување со отпадот таа  депонија дури и да не биде во сливот на Охридското Езеро, што всушност и беа заложбите на граѓанските организации. Правиме сериозни чекори да постапиме и по барањата на локалното насление, но и да биде обезбеден современ систем за управување со регионалниот отпад.   Консултантите работат, јас сега го добив почетниот извештај од конуслтантите очекувам да ми ги достават сценаријата, тие упатуваат на  пример охридскиот регион да го носи отпадот во Битола, меѓутоа тоа сега не сакам да прејудицирам тоа е нешто што во моментот се разгледува“ , рече Петровска.

Од министерството за животна средина уверуваат дека ќе се запази рокот на Унеско, за затворање на депонијата на Буково  и дека до 2021 ќе биде решен проблемот со управувањето со цврст отпад во Југозападниот регион.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top