За оваа појава која требаше да се реши на 1ви јули, со стапувањето на сила на летниот режим на сообраќај реагираа и жителите на Урбана заедница стар град. Од локалната самоуправа велат дека инспекторите излегле на терен и констатирале непочитување на прописите и најавија преземање мерки против несовесните угостители.
Угостителите кои гравитираат на улицата „Коста Абраш“ во непосредна близина на кејот, не смеат да поставуваат урбана опрема на тротоарот, во периодот од 5 часот наутро до 20 часот навечер.
Но и после 10 дена по стапувањето на сила на летниот режим на сообраќај, а со кој е регулирано поставувањето на урбана опрема на овој потег, масите и столиците не се поместени. Портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски потенцира дека согласно одлуката на Советот на општината за летниот режим на сообраќај, урбана опрема може да се поставува, но во периодот од 20 часот навечер до 5 часот наутро кога овој простор станува пешачка зона во која е забранет секаков вид на сообраќај. ТВМ телевизија во повеќе наврати пишуваше за овој проблем на кој најчесто реагираа жителите на стариот дел на градот, а кои се жалеа дека токму поради урбаната опрема поставена на тротоарите се загрозува безбедноста на пешаците кои поминуваат таму. Ваквата состојба на која укажуваат граѓаните, инспекторите ја констатирале вчера.
„Токму во текот на вчерашниот ден нашите инспектори излегоа на терен и констатираа дека има непочитување на одлуката, издадени се соодветни решенија до оние кои имаат урбана опрема поставено на дел од коловозот или тротоарот што ќе рече дека ние очекуваме дека тие угостители треба да постапат според решението на нашата градежна инспекција и треба да ги отстранат масите и столиците од тој дел од коловозот и тротоарот односно да ги поставуваат онака како што е одлуката усвоена на Совет, а тоа значи од 20 часот навечер.“-вели Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид.
Поплаките на граѓаните, особено од стариот дел на градот континуирано се случуваа години наназад. Секоја наредна летна туристичка сезона, се потенцираше овој проблем, но барем досега немаше конкретен одговор од локалната кон несовесните угостители. Граѓаните во повеќе наврати ја повикуваа локалната да реагира поостро кон оние кои не ја почитуваат одлуката со која се регулира времениот режим на сообраќај, а со која воедно се регулира и поставувањето на урбаната опрема.
„Ние не можеме со сигурност да тврдиме дека секој ќе ја почитува одлуката односно законските решенија, но она што можеме да тврдиме е дека нашите служби постојано ќе бидат на терен и ќе преземат мерки за оние кои не ја почитуваат оваа одлука.“-рече Џамтоски.
Денес, ден подоцна откако инспекциските служби на локалната констатирале непочитување на одлуката за времен режим на сообраќај и издале соодветни решенија на неколку угостители на овој потег, урбаната опрема сеуште е на истото место. Останува да видиме дали во наредните денови угостителите на овој потег конечно ќе ја испочитуваат соодветната одлука и ќе ги отстранат масите и столиците во периодот од 5 до 20 часот или пак инспекторите на локалната ќе мора да изречат соодветни казни и да ја отстранат урбаната опрема.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град