• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • И локалната и граѓаните решението на проблемот со кучињата скитници го гледаат во изградба на стационар

И локалната и граѓаните решението на проблемот со кучињата скитници го гледаат во изградба на стационар

Градоначалникот Бакрачески ветува дека во содејство со сите надлежни институции ќе пристапат кон целосно решавање на овој горлив проблем за Охриѓани.

 |  Мишел Наумоски  | 
kucinja

Три месеци не делат од стартот на туристичката сезона. И ова лето по се изгледа во македонскиот туристички бисер по парковите, плоштадите, улиците ќе шетаат глутници бездомни кучиња. Решението на овој горлив проблем со години наназад се гледа во изградбата на стационарот за кучиња кој барем досега е само пуста желба на граѓаните. Веќе извесен период, без скоро никакви средства, со повремени донации од странци како и дел општински средства, активистите од здружението Анималиа се борат за изнаоѓање на најадекватното решение за проблемот со кучиња скитници, но хумано решение кое ќе се погрижи и за изнаоѓање на топол дом за овие животни. Ги запрашавме граѓаните дали тие сметаат дека во Охрид има премногу кучиња скитници и како тие сметаат дека би требало овој проблем да се реши.

kucinja skitnici„Многу кучиња имат во градов. Сабајлево кај Електрична каснаа една жена. Сабајлево ја нападна тука. Одвај ја спаси еден друг. Никој не води сметка, не гледаат колку кучиња има по градов?

„Има, секаде има, секаде.“

„Како ќе се реши, па тоа треба да го реши општината. И порано имаше, но тие беа ништени. Сега има закон дека не треба да се ништат. Истиве кучиња постојано се овде. Во викенди, секојдневно. Таа импровизирана црква што беше овде, си лежеа во сламата, топло им беше. Ама на некому му е гајле.“

kucinja carsija„Проблемот треба локалнава самоуправа да го регулира, тоа, како што беше пред дваесетина години…Би требало да го има тоа нешто, како засолниште некое како што има во Скопје, би било добро.“-рекоа дел од граѓаните.

Не само граѓаните, туку и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески смета дека станува збор за сериозен проблем, но потенцира дека локалната во рамките на своите можности работи на трајно решавање на овој проблем иако според него, станува збор за кучиња кои најверојатно доаѓаат или се донесени од друго место.

kucinja stacionar„Постојано правиме одредени активности и издвојуваме одредени средства, обновување, реконструкција и доградба на истиот стационар, онака како што стручните служби во ЈП Комуналец ни налагаат, и ќе го правиме и во иднина, онолку колку што се нашите можности, но како и да е тој стационар еднаш засекогаш ќе мора да се изгради. Ние обезбедивме финансиски средства за изградба на неколку куќарки и оградување на тој простор како и активности за прибавување на храна за таквите кучиња, што според мене не е доволно, веројатно треба уште многу да се вложува. Ние го правиме етапно тоа, и ќе го правиме и во иднина“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Бакрачески ветува дека во наредните денови, заедно со останатите надлежни служби, локални и државни, ќе пристапат кон целосно решавање на проблемот. Додава дека во изминатиов период заедно со здружението Анималиа го изградиле мини стационарот во Мауцкер, но потенцира дека потребно е трајно решение.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top