Голем јубилеј на Охридскиот црвен крст. Клубот на млади од општинската организација на Црвениот крст од Охрид слави 15 години од своето постоење. Својот роденден, Клубот на млади ќе го прослави во сопствен стил. Како поинаку ако не со хуманитарна забава. Оваа забава го означува почетокот на новиот циклус на акциите за Промоција на хумани вредности кои што ги работи Охридскиот Црвен крст. Истовремено ќе биде промовиран и новиот тим кој ќе работи на овие проекти, а граѓаните на Охрид ќе имаат можност и самите да покажат хуманост.
„Забавата е од отворен карактер, може да ја посетат сите и во оваа прилика ги покануваме да земат учество во вечерашната забава, да бидат присутни. Како што спомнав е од хуманитарен карактер, отворен, секој може да донира колку што сака парични средства и средствата ќе бидат наменети првенствено за тројца наши сограѓани за кои е потребна итна операција, односно интервенција во странство.“-вели Младен Божиновски-Младински координатор на Клуб на млади.
Проектот „Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности“ кој што го спроведува Охридскиот Црвен крст се чини нема свој крај. По минатогодишните успешно спроведени акции, и овој циклус на проекти ветува многу. Помеѓу позначајните успеси може да се наведат набавката на количка за дете со церебрална парализа, собрани средства за операција со која беше вратен видот на наш сограѓанин, средства за терапија на дете болно од леукемија и многу други проекти реализирани од младите ентузијасти на Црвениот крст.
„Инаку околу малите проекти, така ние ги викаме, мали проекти ама тие се многу поголеми отколку било кој кој што мисли дека им помага вака како на пример јас или вие или било кој друг. Всушност станува збор за проекти кои што ги изработуваат младите, а кои што ги изработуваат врз основа на едни принципи кои што се поставени веќе неколку години наназад, кои се покажале како успешни. Се вршат истражувања во општеството кои што покажуваат кој вистински има потреба од помош и на таквите лица се изнаоѓаат начини како да им се помогне.“-рече Даниел Наумовски-Проект менаџер-Промоција на хумани вредности.
Имено, хуманитарната роденденска забава ќе се одржи во кафе-тераса „Аквариус“. Забавата започнува во 20 часот а ќе трае до 12 часот на полноќ. Па Охриѓани, покажете ја својата хуманост!
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град