Државата ќе прави напори за да се стимулираат хотелиерите за привлекување на домашни гости. Оваа идеја ХОТАМ ја оценува како многу позитивна. Сигурни се дека ќе вроди со плод, бидејќи со владините мерки многу се зголеми процентот на странски гости, па очекуваат истото да се случи и со домашните.
Хотелиерите ќе се субвенционираат со цел да привлечат што повеќе домашни гости во своите капацитети. Ова е проект кој допрва треба да го разгледува Владата на РМ, а идејата за вакво нешто доаѓа поради фактот што во последните години е се помал бројот на гостите од земјава, во споредба со гостите од странство. Субвенциите би ги стимулирале хотелиерите да размислуваат во тој правец.
Секое субвенционирање е добредојдено. Секако дека сме за ваквата иницијатива. На тој начин хотелиерите ќе бидат ослободени од некои давачки, па ќе можат да ги намалат цените за сместување или други услуги за домашните гости, вели Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.
Според податоците од Државниот завод за статистика, ако го анализираме периодот од 2005 до 2014 година, во 2005 земјава ја посетиле 197.216 странски туристи. Десет години подоцна, а посебно после субвенциите кои ги даде Владата овој број порасна на 425.314 странски туристи, или ако тоа го пресметаме процентуално има зголемување од неверојатни 115%. За разлика од процентот на странски гости, процентот на домашни постојано опаѓа. Од ХОТАМ велат дека тие прават напори да ги задржат домашните гости посебно сега кога меѓународните патувања се сосема неизвесни, па главни носители на туризмот и неговиот развој ќе бидат домашните туристи.
Во однос на тоа хотелиерите веќе започнаа да воведуваат дампинг цени за домашните гости кои доаѓаат кај нас и во сезона, но и вон сезона. Правиме и други активности со кои сакаме да ги привлечиме како што се посебни викенд понуди , попусти за деца под седум години и тн. И понатаму продолжуваме со оваа политика, вели Блажески.
Причина повеќе да се поработи на привлекувањето на домашните туристи е и фактот што 2016 година е сосема неизвесна во однос на меѓународните туристички движења. Експертите кажуваат дека терористичките напади и заканата од идни напади негативно ќе се одразат врз меѓународниот туризам.
Последниве десеттина и повеќе години Франција го држеше приматот на најпосетена земја во светски рамки по број на странски туристи, но со последните напади во Париз, ќе има многу намалување на бројот на странските посетители. Европскиот туризам ќе се соочи со нова етапа од својот развој – пред Париз и после Париз, велат туризмолозите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град