Холандски студенти ќе го промовираат Охрид. На нивните видео записи веќе ги има туристичките потенцијали на земјава, со цел да ја понудат оваа дестинација на странскиот пазар. Најдобрите од нив ќе станат амбасадори на Македонија
Шеесет студенти од холандските универзитети снимаат промотивен материјал за туристичката понуда на Охрид. Македонија оваа година е избрана за земја каде се одржува годишно собрание на најдобрите холандски академци кои студираат туристичка промоција и маркетинг. Првите впечатоци на студентите и воопшто на секој турист кој го посетил туристичкиот бисер Охрид се импресивни. Како што и самите кажаа нив ги опива прекрасната глетка на синилото од Охридското Езеро, зеленилото на НП Галичица, староградската архитектура, а гостопримството и љубезноста на месното население сметаат дека е приказна која посебно треба да се раскажува.
„Прво нешто што забележав кога слетав на аеродромот е прекрасната природа. Се беше многу светло, прекрасни зелени и сини бои, кога стигнав во хотелот, првите впечатоци се дека луѓето се многу гостопримливи расположени да помогнат. Го посетивме центарот на Охрид, многу е автентична архитектурата, ни се допадна чаршијата, и колку што одевме нагоре кон калето и тврдините таа автентична архитектура стануваше се поубава. Многу сликавме па постиравме на Инстаграм“
„Јас прво што забележав беше македонското знаме црвената и жолта боја, знаев дека ова ќе биде ново искуство за мене некој нов почеток и тоа во земја која претходно не ја знаев. Помислив колку е убаво, планините езерото, …дури и сонцето е некако поубаво овде…совршено е, како за млади така и за постари луѓе. Тука може да се планинари, да се плива, но можете да се релаксирате и во спа центрите така да има разновидна понуда на активности“- велат студентите.
Присуството на холандските студенти во Македонија, ќе биде одлично искуство за нив, бидејќи имаат можност да видат како работи еден тур оператор како и тоа да се запознаат со потенцијалот на Македонија, нагласи Франк Оздем, директорот на холандска федерација за патување и тур оператори. Тој додаде дека од нив ќе направат 60 амбасадори кои што утре ќе можат да ја промовираат Македонија и да знаат нешто повеќе за неа.
„Навистина уникатно и единствено е она што го правиме ние на ниво на цела Европа, холандските туристи во соработка со ТУИ најиновативните, имаат единствена можност да дојдат и да ја видат Македонија, а со тоа ние да формираме еден квалитетен кадар кој што понатака ќе може да остане и да работи за компанијата“
Инаку холандските студенти веќе изготвиле неколку видео материјали. Одбраниот промотивен материјал ќе биде ставен на интернет-страницата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а тројцата најдобри студенти ќе бидат поканети повторно да дојдат во Македонија и преку размена на искуства да придонесат за развојот на македонската туристичка понуда.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град