Граѓански упад во Собранието на Република Македонија

Демонстрантите од „За заедничка Македонија“ синоќа го запоседнаа Собранието.

 |   | 

Демонстрантите од „За заедничка Македонија“ синоќа го запоседнаа Собранието. Групи луѓе од кои дел со црни фантомки влегуваа покрај слабото полициско присуство во прес салата каде новиот собраниски спикер даваше изјава за новинарите. Дојде до крвав инцидент при што дел од пратениците од парламентарното мнозинство, лидерот на СДС Зоран Заев, потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски, радмила Шеќеринска пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села  се повредени. Додека во законодавниот дом се одвива хаос амбасадорите повикаа насилството да запре а полицијата да си ја преземе одговорноста и да го врати редот.

Полициски специјалци со интервенција со шок бомба ги извлекуваат пратениците на СДСМ , Талат Џафери и Зијадин Села кои беа заглавени во прес салата на собранието во која упаднаа демонстранти од За Заедничка македонија.  Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пратениците Радмила Шекеринска,  Дамјан Манчевски,и неколку други од СДСМ, пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села се повредени . Дел од телевизиските камери го прикажаа Заев со раскрвавено  чело До крвавиот инцидент дојде за време на пресконференција на Заев и пратеникот од ДУИ Талат Џафери кого претходно парламентарното мнозинство го избра за претседател на Собранието.
По завршувањето на прес конференцијата во салата упадна поголема група луѓе меѓу кои дел со фантомки. Новинарите и снимателите беа избркани a на некои екипи им биле  кршени микрофоните и одземени камерите.

Демонстрантите велат дека ова сега е Народно собрание и дека тие нема да си одат од таму. Ја пеат химната, извикуваат „Македонија“ и „Избори“, а пеат песни со навредлива содржина за Албанците. Како што минуваше времето се згиолемуваше бројот на демонстранти кои слободно , во групи влегуваа во собранието. А полицискиото присуство кое треба да се грижи за народните избраници и редот и безбедноста во законодавниот дом беше изненадувачки мало.
Пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој не беше во Собранието попладнево се обрати на Фејсбук и кажа дека насилството не е решение.
Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стефансон, го осуди насилството во Собранието.

– Слушнавме вознемирувачки вести за настаните во Собранието, кои резултираа со насилство и со инциденти. Маскирани напаѓачи извршија напади врз избрани претставници во Собранието. Сега не е време за насилство, ова е време за дијалог. Апелириме сите страни да се воздржат од потпалувачка реторика. Полицијата е одговорна за воведување на редот – рече Стефансон, зборувајќи во името на Европската Унија и на САД. Тој изјавата ја даде во присуство на амбасадорите на Холандија и на Велика Британија во земјава, Ваутер Пломп и Чарлс Гарет.

Пратениците од парламентарното мнозинство предходно во тензична атмосфера со 62 гласа ЗА го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“, влегоа во Собранието.  Додека пратениците од парламентарното мнозинство гласаа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „ова е пуч“. Тие ја окупираа говорницата, па изборот на претседател се изведуваше на среде сала. Пратеници му честита на Џафери за изборот за претседател, по што тој положи заклетва.

Неколку минути по десет часот од внатрешноста на Собранието се појавија специјалци кои почнаа да ги буткаат демонстрантите надвор од објектот. На ова демонстрантите почнаа да ги повикуваат и останатите кои беа надвор да им се придружат и скандираа „Живи ќе ве запалиме“. Омразата на демонстрантите кон пратениците кои беа повредени беше очигледна. Кога се дозна дека пратениците се повредени, тие со задоволство се смееја и викаа „Ако им е“, „Требале повеќе да ги истепаат“. А кога насилниците што ги тепаа пратениците излегуваа меѓу народот, тие беа поздравувани како херои.

Додека траеше истерувањето на насилниците од холот на Законодавниот дом, беа фрлени неколку шок бомби и во неколку наврати демонстрантите беа надвор. По десетина минути, полицијата и од задната страна на Собранието почна да фрла шок бомби со цел да ги растера демонстрантите и да ги евакуира пратениците и новинарите кои се уште беа заглавени внатре. По интервенцијата на специјалните единици на полицијата во и пред Собранието. Дел од демонстрантите поставија шатори и беа решени да преноќат пред Законодавниот дом.

Додека траеја тепачките во Собранието, ЕУ и САД го поздравија изборот на Џафери и најавија дека ќе соработуваат со него и најостро го осудија нападот на Собранието. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг твитна дека е шокиран од нападите и ги повика сите партии да го почитуваат демократскиот процес.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top