• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Граѓански активисти повторно го кренаа гласот против неконтролираната урбанизација и девастација на Охрид и крајбрежјето

Граѓански активисти повторно го кренаа гласот против неконтролираната урбанизација и девастација на Охрид и крајбрежјето

Со транспаренти, со тропање на буриња, маскирани со перики, активисти на неколку граѓански здруженија изведоа уметнички перформанс пред општина Охрид барајќи  итно спроведување на препораката на Реактивната мисија на УНЕСКО, прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации сè додека не се изработат сите релевантни плански документи.

 |   | 

Белиот лебед ја загуби битката со прекумерната урбанизација и девастација на охридското крајбрежје.  Својот последен танц го одигра на звуците на Лебедово езеро по што беше однесен во црна врќа од пред општинската зграда. Ова е само дел од уметничкиот перформанс кој се одржа денеска пред општина Охрид во организација на граѓанската платформа Охрид СОС и здружението Стар Лагадин. Активистите со пароли и на повеќе светски јазици ги повикаа надлежните во одбрана на  природното и културно богатство на Охрид и крајбрежјето. Општиот акт за с. Лагадин е дело на претходната локална и централна власт, но ако и оваа не преземе ништо против него ќе значи дека заедно се организираат во криминал, истакна Мирослав Котевски, претседател на Здружението „Стар Лагадин“.

„Преку овој протест, граѓаните бараат од Општина Охрид итно да се заложи за прогласување на мораториум според препораката на УНЕСКО, како и да се заложи за поништување на Општиот акт за с. Лагадин најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови и преку известување на Уставниот суд за својата заложба.“ – Мирослав Котевски – Претседател на Здружение „Стар Лагадин“

Владата да ја спроведе приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО а тоа е прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации a општините Охрид Струга и Дебрца истата да ја  почитуваат, ова е еден од заклучоците на Комисијата за култура при Собранието на Р Македонија пред која неодамна се одржа надзорна расправа за охридскиот регион.  Во своите заклучоци, објавени синоќа,  Комисијата бара да се исчистат сите диви депонии во сливот на Охридското езеро и да се одреди локација за регионална депонија. Понатаму предлага сеопфатна ревизија на законите во делот на градење, урбанизам екологија, информира  д-р Трајче Талевски  од  Охрид СОС.  Тој ја посочи и препоракта до владата да се преиспитаат сите активности кои беа реализирани на Плаошник. Тоа е најново што го прават законодавците во државата и што треба да го спроведат надлежните. Но организаторите на протестот велат дека локалното население, оние кои најмногу треба да се загрижени за  Охридското крајбрежје, е незаинтересирано. 

„Во моментов се случува катастрофа на охридското крајбрежје. Катастрофа а никој не реагира. На струшката страна, во делот на општина Струга се случува страшна катастрофа  со тампонирање на крајбрежјето и уништување на водени живеалишта , уништување на трска под некаков си изговор на градоначалникот Рамиз Мерко дека со тоа се прави за подобрување на амбиентот на крајбрежјето. Како можеш со бетон да  направиш амбиент а унижтуваш живеалишта на животински и растителни видови. – д-р Трајче Талевски  – Охрид СОС.

Од Охрид СОС велат дека имаат соработка со  добри адвокатски канцеларии од кои добиле поддршка и бесплатно советување за да ја водат борбата до крај . Не може поединци да бидат над законите во оваа држава. На тоа треба да се стави крај, дециден е Талевски. Мирниот протест, организиран од Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“ беше  поддржан од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. Протестната поворка тргна од Лагадин заврши пред општинската зграда во Охрид со цел да алармира за уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top