Граѓаните ќе добијат повисоки сметки за струја

Граѓаните ќе добијат повисоки сметки за електрична енергија, а законот за намалување на ДДВ кој требаше да ја компензира сумата сеуште е во собраниска процедура.

 |   | 

Од први јули важи одлуката на РКЕ со која граѓаните ќе плаќаат повисока електрична енергија за 12. 36 проценти. Намалувањето на ДДВ- то од 18 на 5 проценти требаше да ја компензира оваа одлука која ќе удри по семејниот буџет на граѓаните, но законот сеуште е во законска процедура, а броилата веќе мерат по новата тарифа.

Новите сметки за потрошена електрична енергија ќе бидат дел пресметани по старата тарифа пред да биде донесена одлуката, а дел со новата пресметка, што значи дека повисока струја ќе плаќаме се додека законот за намалување на ДДВ не помине на Собрание.

Mоментално немам информација кога ќе се гласа законот меѓутоа не е прашање на месеци туку е прашање на денови во зависност како ќе оди расправатга во собрание за другите закони така ќе оди и ова прашање. Апелираме да има разбирање и колку што е можно побрзо овој закон да помине во Собрание, но секоја дискусија е легитимна и имаме разбирање. Сепак, ова е едно од прашањата кое има директно влијание кај граѓаните и сметаме дека процедурата треба да се заокружи колку што е можно побрзо за сметките да доаѓаат со намалено ДДВ од 5 проценти.-одговори денес на новинарско прашање министерот за финансии Фатмир Бесими.

Дали и како ќе им се вратат парите на граѓаните кои ќе платат повисока струја , останува неодговорено прашање. Бесими рече дека тоа останува да се размисли, а можно било да се направат измени на сегашниот предлог закон во кој не е предвидено да се намали ДДВ од први јули бидејќи се очекувало дека законот ќе помине по брза постапка. Сега се разгледува можноста со пратенички амандман да се побара намаленото ДДВ да важи од 1 јули како што е првично определено во законското решение.

Намерата е јасна и ќе биде постигната, ДДВ-то ќе се намали од 18 на пет посто и тоа ќе се одрази врз сметките за електрична енергија за домаќинствата.-потенцираше Бесими.

Со оглед на динамиката како се одвиваат расправите во законодавниот дом извесно е дека повисоките сметки за струја ќе стигнат до домаќинствата, а министерот Бесими апелираше до пратениците да овој закон биде донесен побрзо бидејќи се одразува директно на граѓаните.

 

Новинар : Кристина Алексиеска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top