Автентичниот простор на Куќата на Робевци понуди уникатна изложба на графики од магистер Маја Рауник Кирков.
Куќата на Робевци понуди одличен амбиент за првата и веројатно најзначајната охридска изложба во творештвото на магистер Маја Рауник Кирков. Графиките се изработени во две техники и тоа техника на висок печат кој се карактеризира со линиски третман и техника на дигитални графики кои авторката вели се посебна провокација и инспирација за неа.
„Оваа изложба ја подготвував скоро цел живот затоа што инспирација за оваа изложба е сликата која што ја видовме „Пенџерето на мојата куќа“, а тоа е мајка ми осветлена од една преубава светлина и таа слика нема само историско туку и многу силно и важно симболично значење за мојот живот, па после толку време еве успеав да направам изложба во моето маало, во овој преубав галериски простор во куќата на Робевци каде што како малечка многу често си играв.“-вели М-р Маја Рауник Кирков.
Авторката вели дека е невозможно да се измери колку време е потребно за да се заврши една графика. За некои е доволно половина час, а некои се прават со години. Техниките кои таа ги употребила за изработка на овие графики се разликуваат од нејзината досегашна техника-акватинта. Но Кирков изрази и голема наклоност кон дигиталната графика.
„Тоа е еден фантастичен нов медиум кој јас многу го сакам и кој што нуди огромни, огромни можности, а посебно ми е драго што можам моите фотографии авторски да ги трансформирам во еден графички израз, а исто така во тие дигитални графики површината која што графиката, дигиталната графика ја бара не ми беше доволна затоа што сум образована во еден класичен графички систем каде што ми е многу важна тактилноста на графиката. И заради тоа во тие дигитални графики одозгора има техника на јапонски дрворед, кој што печат е еден висок печат, така да има релјеф.“-рече Кирков.
Инаку авторката Рауник-Кирков е родена во Охрид. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на педагошката насока, отсек графика во Скопје. Магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Љубљана, Словенија во 1993 година. Рауник-Кирков се занимава со графика и сликарство, и иако имала самостојни и групни изложби во земјава и странство, за прв пат изложува во Охрид.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град