Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, а за истиот ќе треба да се обезбедат и локации за придружни објекти со кои приватниот партнер ќе ја враќа својата инвестиција.
Долгоочекуваната и долгонајавуваната градска марина преку јавно-приватно партнерство ќе се гради на потегот помеѓу каналот Студенчишта и хотелот Парк. Овој бил заклучокот од вчерашната средба во Скопје помеѓу градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од Капетанија на пристаништата како и Министерството за транспорт и врски и Министерството за одбрана. Градоначалникот Бакрачески за ТВМ открива дека за оваа локација се решиле поради можноста на истата да бидат изградени и дополнителни објекти кои би ги користел приватниот партнер.
„Разговаравме околу можностите Министерството за одбрана да ни отстапи еден дел од земјиштето кое тие го користат се со цел да изнајдеме адекватно решение за градба на марина за која реков интенцијата е да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство. За да се претпостави можност за влез на приватен партнер во градба на една ваква марина, треба и да се обезбеди земјиште, односно локација која ќе им овозможи на партнерите да градат придружни објекти на марината од која би ја повратиле вложената инвестиција.“-вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Градоначалникот Бакрачески вели дека во иднина во зависност од разговорите со заинтересираните страни ќе се одредува кои други придружни објекти на марината би биле изградени на овој потег. На средбата покрај за изградба на марината се разговарало и за изградбата на пешачката патека од пристаниште до Канео.
„Министерството за транспорт и врски има обврска да објави оглас за изработка на идејно решени и се договоривме дека во наредните неколку месеци ќе биде објавен оглас за изработка на идејно решение за тоа како би требало да изгледа оваа пешачка патека и во кој дел од градот би требало да поминува и веднаш по тоа ќе се изработи главен проект и ќе се обезбеди финансиска конструкција за реализација на овој проект кој ние им го ветивме на граѓаните на Охрид, а за кој најголем дел, од граѓаните се изјасниле позитивно, односно се изјасниле дека ваквата пешачка патека е нужна потреба на граѓаните на Охрид.“-рече градоначалникот.
Воедно на средбата помеѓу градоначалникот Бакрачески и претставниците од Капетанија и Министерствата за транспорт и Одбрана било дискутирано и околу тоа каква ќе биде судбината на „Мостот на желбите“, но за ова прашање градоначалникот потенцира дека сеуште не е дефинирано конкретно решение.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град