• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Градоначалникот Пецаков повика на смиреност, групата „Лев Тахор“ заминува на 6-ти март

Градоначалникот Пецаков повика на смиреност, групата „Лев Тахор“ заминува на 6-ти март

Градоначалникот на Охрид, Дебарско-Кичевската епархија и СВР Охрид ги повикаа жителите на Лакочереј на толеранција и смиреност. Еврејската религиозна група „Лев Тахор“, која е сместена во хотел во селото не претставува опасност, ниту закана кон локалното население, уверуваат од охридската полиција.

 |   | 

Градоначалникот на Охрид, Дебарско-Кичевската епархија и СВР Охрид ги повикаа жителите на Лакочереј на толеранција и смиреност. Еврејската религиозна група „Лев Тахор“, која е сместена во хотел во селото не претставува опасност, ниту закана кон локалното население, уверуваат од охридската полиција.

На 6 март им истекува двонеделниот договор за сместување, потоа 37-те членови на групата, од кои 17 се деца ќе ја напуштат земјава. Ова се заклучоците од утринскиот состанок, на барање на градоначалникот Пецаков на кој присуствуваа претставници на СВР Охрид, месното население и Дебарско-Кичевската епархија.

Градоначалникот најави дека тој лично ќе оствари средба со групата „Лев Тахор“.

Едноставно се појави страв би рекол, дали оправдан или неоправдан е сосема второстепено кај жителите на нашите села Горно и Долно Лакочереј. Се обидовме врз основа на разговор да видиме што и како понатаму. Полицијата кажа дека во овие две недели имале договор со сопственикот на хотелот, а потоа ја напуштаат државата. Секако и тие како полиција задолжени за чување на редот и мирот ќе поразговараат со нив и ние како општина лично јас ќе ги посетам и ќе ги замолам, да се движат во имотот на хотелот за да не се создава страв меѓу жителите, кој што во овие неколку дена е видлив. Затоа сме тука ние заедно со институциите да ги смириме страстите – вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Дебарско-Кичевската епархија ги повика жителите на охридско да ја прифатат религиозната група како туристи. Велат тие не се закана за  тамошните верници.

Сметаме дека Охрид и околијата охридско како туристичка дестинација е посетена од најразлични илјадници луѓе и туристи. Сметаме дека според сознанијата од службите кои ги имаме дека оваа верска групација која престојува во село Горно Лакочереј не претставува никаква опасност за тамошните верници и не ги загрозува нивните верски чувства – вели Илија Ристески од Дебарско кичевската епархија.

Жителите на Лакочереј признаваат дека се вознемирени поради лошите гласини врзани со еврејската група, кои се однесуваат на киднапирање на деца. Затоа бараат групата да не се шета низ селото и поголемо присуство на полиција.

Лакочеревци двете села се мирни луѓе, луѓе за соработка, но тој мит поврзан со тие луѓе и написите во медиуми создаде голем страв и паника кај луѓето. Нашата цел не беше ние луѓето за рака да ги бркаме и тие имаат туристичко право, но тој страв нас не наведе да побараме заштита од полицијата луѓето да не вршат обреди, мисии низ двете села. Ветеното дека по завршувањето на договорот нема да се продолжи односно да се исполни. Во тие 14 дена никој ниту отишол, ниту ќе отиде да ги омаловажува или навредува луѓето – вели Илче Настоски жител на Лакочереј.

Охридската полиција најави постојано присуство на полициски патроли низ селото со цел смирување на стравот кај месното население.

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top