Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска ги посетија просториите во објект во поранешната касарна каде што ќе биде отворен центар за паметни иновации со поддршка од ЕУ. Амбасадорот беше запознаен и со останатите содржини кои се предвидени на просторот на касарната, а кои ќе се реализираат во рамки на проектот „OHRID GO“, за зелен, паметен и иновативен град, кој е финансиран преку програмата ЕУ за општините со околу 700 илјади евра.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во рамки на посетата на Југозападниот регион денеска оствари средба со Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и ја посети поранешната касарна каде е предвидено да се реализира проектот „OHRID GO“ поддржан од ЕУ. Општината преку овој проект сака да ја трансформира оваа област од над 20 хектари и 6 згради во рекреативен и деловен центар кој ќе ги привлече охриѓани, туристите и инвеститори, како рекреативна зелена зона и центар за иновативни бизниси. Градоначалникот Пецаков и претставници од ТЛЕР на Амбасадорот Гир му ги презентираа визиите за изгледот на старт ап центарот за паметни иновации, зелени рекреативни содржини како Адреналински парк и Pump Up патека, зелен урбан систем Smart City Bike System со 60 смарт велосипеди. Би сакал овој проект да претставува само почеток на понатамошната соработка како Локална самоуправа со ЕУ односно европските фондови кои ни се на располагање за унапредување во сите области, истакна Пецаков.
Ние како општина сме подготвени во наредниот период нашите работи да ги сервисираме и одржуваме, секако сето она што е потребно, а можеме да го добиеме како поддршка од европските фондови сме спремни да го искористиме на што посветено ќе работиме. Кога се тие веќе на дофат наша работа е да правиме квалитетни проекти и да аплицираме и да подобруваме без оглед дали ќе биде тоа инфраструктура, подобри услови за младите, спортски содржини, подигнување на свеста за животната средина, екологијата, заштита на екосистемите – истакна Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Со Градоначалникот Пецаков имавме плодна дискусија за уникатниот статус на Охрид и Охридско езеро под Унеско и потребата за негово зачувување, за заштитата на животната средина, посочи шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир. Разговаравме за приоритетите во поглед на потребите на граѓаните и обезбедување квалитетни услуги за заедницата и посебно за младите луѓе, како да допреме до нив и да обезбедиме нивна целосна инклузија во општеството, како и за усовршување на нивните вештини и стекнување нови знаења и искуства, додаде евроамбасадорот.
Токму затоа овој Центар зад нас, овој хаб за паметни иновации ќе биде многу важен за создавање услови и средина каде младите луѓе ќе можат да бидат иновативни, креативни и секој кој има замисла за забрзување на економскиот развој ќе може да прави значаен придонес. Очекуваме да имаме блиска соработка со општината и граѓаните на Охрид за зелен, одржлив и иновативен Охрид во иднина – вели Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Скопје.
Во рамки на проектот кој е поддржан од ЕУ со околу 700 000 евра ќе биде изработена и физибилити студија со акционен план за долгорочен развој на просторот на поранешната касарна, која се предвидува да прерасне во технолошко-рекреативна зона. Локалната самоуправа го мапира овој простор како стратешки важен за идниот развој на Охрид.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град