Разговарале околу активностите поврзани со изградбата на големиот туристички комплекс „Сахарајан Македонија“, а била закажана и работна средба во текот на овој месец, на која ќе присуствува и индискиот инвеститор Субрата Рој.
Претставници од индиската компанија „Сахара Груп“ на инвеститорот Субрата Рој, денес оствариле кратка средба со градоначалникот Никола Бакрачески. На оваа средба, градоначалникот ги информирал до каде се активностите околу изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа. Претставниците на „Сахара Груп“ пак го информирале градоначалникот дека на 11ти и 12ти Јули во Охрид ќе престојува и претседателот на „Сахара Груп“, индискиот инвеститор, Субрата Рој.
Во текот на овие два дена ќе се одржи и работна средба на која учество ќе земат самите инвеститори, претставници од локалната самоуправа од Охрид, а покани добиле и премиерот Никола Груевски, претставници од ресорните министерства задолжени за овој проект, како и англискиот и американскиот амбасадор во Македонија.
„Она што јас денес го добив како информација од нивна страна е нивното барање да се обезбедат дополнителни 17 хектари за обезбедување на сместувачки капацитети за персоналот кој ќе работи во тој комплекс. Во моментот се усогласува нашата законска регулатива во поглед на добивањето на сите согласности за непречено одвивање односно започнување со работа на овој проект и се работи на идеен проект за студијата „Принц во Лондон“. Тоа е она што јас го добивам како информација, знаете дека ингеренциите за изведба на овој туристички комплекс се во рацете на Владата на Република Македонија, а не во општина Охрид.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Освен средбата со претставниците на „Сахара Груп“, изминативе три месеци градоначалникот Бакрачески оствари средби и со поголем број на инвеститори од Швајцарија, Исланд, Холандија, Турција. Според Бакрачески, сите овие инвеститори имаат заеднички интерес во Охрид.
„Голем број од нив дојдоа и беа заинтересирани за градба на туристички комплекси за здравствен туризам и хотелски сместувања. Ним им ги претставивме нашите можности и она што како локална самоуправа во рамките на нашите ингеренции можеме да помогнеме за побрза реализација на таквите хотели. Она што во Охрид недостига во овој момент, и за кое што посебно се странските инвеститори заинтересирани е градбата на луксузни хотели. Мораме да бидеме искрени пред себе, дека Охрид нема ниту еден таков хотел и нашите активности во локалната самоуправа се насочени кон изнаоѓање на инвеститори кои што ќе имаат можност да изградат конечно еден луксузен хотел во Охрид.“-вели Бакрачески.
Инаку што се однесува до изградбата на големиот туристички комплекс „Сахараја Македонија“, градоначалникот Бакрачески рече дека доколку се оди во најдобар ред, овој проект би требало да биде завршен до 2020 година.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град