Големите охридски компании не нудат бонуси на вработените за вакцинирање

По примерот на компании од светот и некои земји од соседството и во Македонија некои фирми пристапиле кон воведување одредени бонуси и награди како мотивација за вработените да се  вакцинираат против Ковид 19. Во охридскиот регион, поголемите компании кои ги контактиравме не размислуваат за таков потег. Вакцинацијата во државава е на доброволна основа но евидентно беше дека владините мерки за приложување ковид сертификати за имунизација за влез во одредени објекти поттикнаа голем број граѓани да се вакцинираат.

 |   | 

Мерката за задолжително приложување сертификат за примена барем една доза вакцина или потврда за прележан Ковид 19 во последните 45 дена од оздравувањето го зголеми интересот на населението за вакцинација. Забраната за влез во угостителските објекти, затворени трговски центри молови, обложувалници, посета на организирани настани без ковид сертификат за дел од граѓаните беше причина да се имунизираат.

Секојдневно се објавуваат информации за одредени големи компании меѓу кои Google, Netfliks, Facebook, Washington Post кои побарале од нивните вработени да се вакцинираат против Ковид 19. Некои компании пристапиле и кон воведување одредени бонуси и награди за вработените кои ќе се имунизираат. Ваквата практика засега не е застапена во државава иако излегоа информации дека и кај нас некои фирми се одлучиле на таков потег. Стручните лица сметаат дека воведувањето на стимулации во облик на одредени награди и бонуси не е спорно, но додаваат дека вакцинацијата во земјава не е задолжителна и одлуката е на работникот, а од вакциналниот статус не смее да зависи работното место.

Упативме прашање до неколку поголеми компании во охридско струшкиот регион дали размислуваат во насока на некој облик на мотивирање на вработените да се вакцинираат против Ковид 19 по примерот на фирми од светот, соседните земји, но веќе и примери на фирми во Македонија.

Од Компанијата Костал за ТВМ велат дека со оглед на големата бројка од преку 1000 вработени, во изминатиов период вложувале максимални напори за спречување на  ширењето на вирусот. Спроведувале интерни едукативни кампањи и мерки и протоколи  за заштита  од Ковид-19. Посочуваат дека изминатиов период секој вработен кој се упатил на вакцинација или ревакцинација бил ослободен од работа без да му бидат скратени денови од одмор. Додаваат дека Костал на своите вработени им има обезбедено и приватно здравствено осигурување.

Моментално во Костал има над 50% вработени кои се вакцинирани, а останатиот број оставаме да одлучат сами, но секако сметаме дека најголемата мотивација која може раководството на Костал да им ја понуди на вработените и граѓаните е брзиот развој, инвестициите, зголемувањето на вработеноста, понудата на високи и редовни примања и сигурна работа, додека другите фирми во истиов период се борат за егзистенција, а некои од нив за жал и прекинаа со работа – велат од компанијата.

Словенечката ЛТХ Леарница со над 550 вработени успешно работи во охридскиот регион. Од компанијата за ТВМ велат дека во рамките на организацијата се почитуваат законските мерки и протоколи за заштита и спречување на ширење на Ковид-19, како и превентивните мерки кои ги имале воспоставено интерно и на ниво на групација.

Компанијата на сите вработени кои изразија интерес за вакцинација, првично им овозможи да извршат вакцинација во соседна Србија, а потоа и преку системот на закажување за вакцинација на Стопанската Комора на Македонија како дел од програмата за вакцинација на стопанството. Голем дел од вработените ја искористија таа можност, секако на доброволна основа. Не размислуваме за дополнителни стимулации и награди условени од одлуката за вакцинација на вработените. “ – велат од Леарница.

Побаравме одговор и од неколку други компании, но не сакаа да коментираат на оваа тема. Во европските земји паралелно со брзото ширење на многу заразниот делта сој на коронавирусот се разгорува и расправата за задолжително вакцинирање како мерка во борба против пандемијата. Во некои земји има примери и каде некои категории како здравствени работници, вработени во образованието и даватели на нега веќе немаат право на избор. Засега, земјите воведуваат само ограничувања за невакцинираните, но не се одлучуваат на задолжителна вакцинација на населението.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top