• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Големата фреквенција на возила причина за краткото траење на санираните дупки на улиците

Големата фреквенција на возила причина за краткото траење на санираните дупки на улиците

Оптеретувањето на коловозот и големата фреквенција на возила причина зошто брзо по санацијата на ударните дупки на дел од охридските улици повторно се отвораат дупки. Локалната размислува за целосна реконструкција на најфреквентната улица, улицата “Абас Емин”, но таа реконструкција според пресметките на стручните лица во Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици би чинела многу.

 |  Мишел Наумоски  | 

Незавидната состојба во која се наоѓаат улиците “Абас Емин” и “7ми Ноември” како и големата фреквенција на возила и оптовареност на коловозот се причината поради која според претставниците од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, само кратко време траат санациите на ударните дупки. Портпаролот на Секторот, Љупчо Танески вели дека ова особено важи за улицата “Абас Емин” која што е еден од горливите проблеми од аспект на живеењето во општина Охрид и се сложува дека трајно решение за истата би била само нејзина целосна реконструкција, реконструкција која според него е дел од размислувањата на локалната самоуправа. Сепак додава дека таквата целосна реконструкција бара огромни зафати, кои чинат голема сума на пари.

“Целосната реконструкција на улицата “Абас Емин” по целата своја должина би чинела повеќе од 1 милион евра имајќи во предвид дека во целосна реконструкција не се подразбира само асфалтирање на улицата, туку и обезбедување на комплетно нова атмосферска, фекална канализација, комплетна санација на тротоарските површини, а исто така и формирање на нови тротоарски површини по должината на улицата “Абас Емин” бидејќи некаде има и узурпација на тротоарската површина, некаде и воопшто нема тротоар, но комплетната реконструкција би вклучувала и формирање и на тротоарски површини барем од едната страна по целата должина на улицата “Абас Емин”.-вели Љупчо Танески-Сектор за комунални дејности, сообраќај и улици.

Што се однесува пак на улицата “7ми Ноември” која исто така претставува доста фреквентна улица која ја поврзува периферијата на градот со централното градско подрачје, засега во план се само помали градежни зафати на санации на ударни дупки, навлаки и прекопи.

“Би рекол во половина од нејзината должина според нашите анализи таа улица ги задоволува сите потребни норми и критериуми меѓутоа во останатата половина потребни се некои поситни интервенции. Во рамки на последниот минатогодишен тендер во 2015та беше опфатена со санација и крпење на ударни дупки и санирање на прекопи и навлаки по должината на оваа улица, меѓутоа фреквенцијата на движењето на моторните возила на оваа улица, а со самото тоа и оптеретувањето на коловозот бара повторно интервенција.”-рече Танески.

Инаку последната поголема санација на ударните дупки и на двете улици се случија во месеците септември и октомври од минатата година кога беше извршено асфалтирање на ударните дупки кои претходно беа пополнувани со бекатон плочки.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top