Дванаесетто издание на популарниот охридски музички фестивал, Канео фест.
Познатиот охридски музички фестивал, Канео 2013 ќе се одржи по дванаесетти пат. Организаторите велат дека годинава се многу позадоволни од минатата. На фестивалот ќе настапат вкупно 18 новокомпонирани песни, со добро познати музички имиња од македонската сцена. За разлика од минатите изданија на фестивалот, годинава ќе има и втора, ревијална вечер.
„Се работи за новокомпонирани композиции, ќе има доста имиња и доста млади кои за првпат ќе се појават. Ќе се направи еден добар микс на една добра музика и едно уживање и прекрасна вечер. Оваа година се одлучивме да имаме и втора вечер која што ќе ја посветиме во хуманитарни цели. Во соработка со Црвениот крст од Охрид, тоа ќе дојде како втора вечер организирана со генералниот спонзор ТВ Морис, во соработка со Црвениот крст. Средствата кои ќе се соберат ќе бидат целосно донирани во Црвениот крст, а потоа тие ќе си ги проследат каде што е најпотребно.“-вели уметничкиот директор на фестивалот, Кристина Алексиеска.
Извршниот директор на фестивалот, Јован Трпоски, вели дека Канео фест израснал во вистински реномиран фестивал во текот на изминатите 12 години.
„Мислиме дека програмата од два и пол часа ќе го задржи вниманието на сите посетители. Влезници ќе можат на самиот приод во Долни Сарај да се купат или евентуално во ТВ Морис. Влезниците не се скапи, колку ќе се платат нека се платат, кога ние успеавме да ја донираме втората вечер, значи малку ни е математичкиот интерес по прашање на продадени влезници.“-рече извршниот директор на Канео фест, Јован Трпоски.
Инаку Канео фест 2013 ќе се одржи во сабота, 29 јуни на летната сцена во Долни сарај, а влезниците ќе чинат 100 денари.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град