“Завет, јад” со поднаслов “Кирил 1830, Кирил 2001” е поемата која ја доби честа да биде дел од долгата низа поетски восклици кои низ годините ја понесоа оваа ласкава титула.
Поемата “Завет, јад”, со поднаслов “Кирил 1830, Кирил 2001”, е поетскиот восклик кој годинава на познатиот македонски новинар и публицист Глигор Стојковски му ја донесе престижната награда за најдобра поема за 2015та, “Григор Прличев”. Поемата говори за судбината на прекрасниот Лешочки манастир и едно име, великанот Кирил Печиновиќ кој го возобновува манастирот во 1830та, но и поетовата реакција кон претпоставеното однесување на владиката Кирил во чија надлежност беше манастирот за време неговото вандалско разурнување во 2001та година како последица на воениот конфликт. Лауреатот Стојковски вели дека самото поврзување на наградата со името на великанот на поемата, ловороносецот Григор Прличев е чест како никоја друга.
“Самото именување, самото споменување на делото на Прличев со делото што го напишал поетот е исклучително важно и исклучително обврзувачки на крајот на краиштата затоа што кога ќе се сумира, кога ќе се згуснат сите тие поетски вибрации што постојат и кај Прличев и она што го напишал современиот македонски поети, тогаш навистина се отвораат некои дилеми, прашања за вредностите, за големината, за значењето и на сопственото творештво што го напишал поетот, и за неминливото и бесмртното дело на Прличев.”-вели лауреатот за 2015та, Глигор Стојковски.
Критичките острици на жири комисијата во творечка атмосфера се одлучува токму за делото на Стојковски како вистински влог во развојот на македонската современа поезија.
“Авторот на оваа поема укажува на потребата од зачувување и почитување на културно-историското наследство. Како своевидна акустична матрица базирана делумно и врз јазикот и стилот на нашиот преродбеник од 19от век, и првиот доблесен и самопожртвуван обновител на манастирот, преподобниот духовник Кирил Пејчиновиќ, таа, поемата, испраќа не само етничка туку и етичка и голема творечка порака. “-рече претседателот на жири комисијата, Бранко Цветковски.
Наградата за најдобра поема, на лауреатот од име на општина Охрид, ја честиташе заменик-градоначалникот Ангел Јанев.
“Годинашново чествување на македонскиот книжевен великан и преродбеник, овенчаниот со ловоров венец во Атина, Григор Прличев, е збогатено со уште една поема со која се продолжува традицијата на Прличевата “Сердарот”. Наградата дефинитивно е достоинствен и високо вреднуван дел од современата македонска книжевност.”-изјави Јанев.
А за значењето на преродбеникот Прличев, проговори Горан Стојаноски, директор на Центарот за култура, институцијата кој го носи за нив светото име на охридскиот поет.
“Во тоа катагодишно навраќање на неговиот живот, се навраќаме и на времињата толку клучни за нашата кревка самобитност, препознаваме како мачно се поставувале темелите на јазикот, културата, автентичната народна духовност, во една општа сиромаштија, беда и поробеност на нашиот народец. “Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања…” е мотивот што ќе го однесе Прличев во хоризонтите на знаењето и ќе го натера својот живот да го посвети на создавањето плодна почва за духовен развој на заедницата.”-вели Стојаноски.
По завршувањето на свеченостите со доделувањето на ловоровиот венец и наградата за најдобра поема, претставници од локалната самоуправа, поети, претставници од институции како и внуката на Прличев, Олга Прличева положија свежо цвеќе на бистата во паркот кај Центарот за култура, додека во 14 часот се одржа и традиционалната “Прличева визита”. За вечерва е предвидена свечена приредба на учениците од ОУ “Григор Прличев” во Центарот за култура. Свеченостите продолжуваат утре во 11:30 часот со полагање на свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев, a годинешните случувања посветени на ловороносецот, ќе завршат во 12:30 часот во спомен куќата на Прличев, каде што проф. Д-р Георги Сталев Поповски ќе одржи „Слово за Прличев“. Инаку годинава се одбележуваат 123 години од смртта на охридскиот преродбеник, Григор Прличев.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град