Гладијаторите подготвени за утрешниот натпревар против Прилеп

По репрезентативната пауза продолжуваат возбудувањата во ракометната Супер лига. Борбата за пласман во плејоф-от е се понеизвесна, па така Охрид е исправен пред императив од победа на утрешниот натпревар против Прилеп. Паника кај играчите нема иако се во црна серија од четири порази по ред.

 |   | 

По 6 кола на добри игри и резултати охридските Гладијатори западнаа во резултатска криза што моментално ги оддалечува од целта, пласман во Суперлигашкиот плејоф. Така овие 10 дена играчите ги искористија да се одморат и со нови сили да тргнат кон победи. Пред тешките гостувања кај втората екипа на Еурофарм и Тиквеш три бода се очекуваат утре на дуелот против Прилеп. 

Се рестартиравме овие 10 дена и заборавивме на поразите. На табелата не можевме да заборавиме бидејќи загубивме 9 бодови. Имавме две тешки гостувања, но мислам дека екипата е подготвена и свежа и до крајот на оваа полусезона, до декември ќе го дадеме својот максимум и ќе ги исполниме очекувањата кои од нас ги имаат градот, управата и ние самите – изјави Алекса Милошевиќ.

Милошевиќ на личен план се надева дека ќе ја врати формата од првите натпревари кога беше еден од најдобрите играчи на Охрид. Признава дека имал пад на формата поради умор од првенството кое смета дека е поквалитетно од српската лига поради учеството на Вардар и Еурофарм Пелистер.

Но и другите екипи имаат свои квалитети. Прилеп е силен и поради четворицата грузиски репрезентативци кои овој викенд имаа три тешки натпревари со својата репрезентација во квалификациите за наредното светско првенство.

Се подготвувавме, гледавме видео и во овие 10 дена само разговараме за Прилеп. Имаат многу брза полуконтра и брз центар и ќе се трудиме што побрзо да се враќаме во одбрана и да не им дозволиме лесни и брзи голови. Мислам дека во нивната екипа има многу добри играчи, но ние покажавме во првите 6 кола дека сме квалитена екипа и се зависи од нас. Како ќе го започнеме натпреварот така и ќе заврши, дали во наша корист или не дај боже во нивна. Мислам дека нема да правиме грешки како во последните три натпревари и ќе забележиме победа – вели Милошевиќ.

Играчите се подготвени, публиката нестрпливо го очекува почетокот на дуелот со Прилеп закажан за утре во 18 часот, со надеж да се оствари долгоочекуваната победа.  

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top