Георгиески:Преку ноќ не може да се реши проблемот со дивоградбите

Општинските инспектори секојдневно се на терен и прават записници за дивоградбите во градов. Процесот на рушење ќе почне, но не треба да се очекува дека ќе се случи нешто спектакуларно преку ноќ, кажува Градоначалникот Константин Георгиески. Тој ќе трае една, можеби и повеќе години, додава тој.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Општинските инспектори секојдневно се на терен и прават записници за дивоградбите во градов. Во општината постојано има пет до осум пријави за бесправно градење. Но, тоа не значи дека сите се издржани, објаснува градоначалникот Константин Георгиески.

Треба да сме свесни дека тоа ќе е еден процес кој ќе течи во иднина и самото отстранување на бесправно изградените објекти ќе е процес кој ќе течи можеби година и две. УНЕСКО не бара од нас да ги отстраниме сите бесправни објекти до 1ви февруар како што е изнесено во јавноста, вели Градоначалникот.

Ние ќе делуваме во насока на почитување на законите и воведување ред во таа урбанистичка сфера, не само во однос на градењето туку и во носењето на плановите, дециден е Георгиески.

Ние имаме проблем со носење на урбанистички планови и затоа имаме проблем со диви градби и тоа треба систематски и студиозно да се решава затоа што сите знаеме дека тоа е проблем што е таложен децении наназад и не може ние со една акција во три дена, во пет дена во еден месец да го разрешиме, вели Градоначалникот.

Според Георгиески Законот за легализација ги има направено најголемите проблеми со дивоградбите во Охрид и тој закон ќе е најголема пречка и во справувањето со нив .

Ние изброивме 409 предмети во општината, но голем дел од нив имаат поднесено барање за легализација и дури не се решат ние не можиме да постапуваме. Тука има многу правни лавиринти така што од првиот ден не може ресултатите да бидат спектакуларни, вели градоначалникот.

Инаку рушењето на дивоградбите посебно на оние кои се наоѓаат по крајбрежјето, заштитеното градско јадро и НП Галичица, е едно од барањата на УНЕСКО за Охрид да го задржи статусот на град под негова заштита.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top