Граѓаните надвор од заштитената зона и во руралните средини кои имаат објекти во постапка на легализација бараат процесот да продолжи. Градоначалникот Константин Георгиески планира на следната седница на Совет да стави на дневен ред предлог одлука со која ќе се изземат од легализација градбите во рамки на НП Галичица и крајбрежјето а другите постапки да бидат продолжени. Со мораториумот беше времено стопирано вклопувањето во плански докоментации бесправно изградени објекти.
Ниту една предлог одлука за вклопување бесправно изгрaдени објекти во соодветните плански документации не гласале охридските советници по завршување на мораториумот. Во Општина Охрид во постапка за легализација се барања за околу 11 500 објекти. Граѓаните надвор од заштитената зона и во руралните средини кои имаат објекти во постапка на легализација бараат процесот да продолжи. Градоначалникот Константин Георгиески смета дека во овој момент тоа може да биде проблематично.
„Во услови кога во Извештајот на реактивната мисија на Унеско од нас се бара да прогласиме комплетен мораториум на градба во Охрид и на планови кои се усогласени со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион да ставиме на Совет предмети за легализација ќе биде проблематично.
Јас сум да им завршиме работа на луѓево и да ги откочиме постапките за легализација. По завршувањето на мораториумот сите постапки за легализација коишто се дојдени со урбанистичка согласност до решение , коишто не се за на Совет , ние им издаваме решенија за легализација само што тие вон плански опфат не ги даваме на Совет. “ – вели градоначалникот Георгиески.
Со последната измена на актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби по барања поднесени до крај на 2018 година. Во собраниска процедура е нов Предлог закон со кој се предвидува уште едно продолжување на рокот за легализација на дивоградби до октомври 2019год. Во Општина Охрид до октомври 2019 година се евидентирани барања за легализација на над 19 000 објекти во согласност со Законот за легализација од 2011 година кој без исклучок се однесуваше за целата територија на државата. Од новиот предлог изземени се дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. Во слична насока размислува во моментов и локалната за да ги откочи постапките за легализација.
„ Јас планирам на следната седница на Совет да донесиме една одлука со која ќе ги изземеме од легализација градбите во рамки на НП Галичица и крајбрежјето додека другите постапки да бидат продолжени. Тука ќе бидеме на удар сите, доколку како советниците прифатат една таква одлука , на удар од страна на јавноста која е поделена по однос на тоа прашање , од една страна се луѓето коишто имаат објекти за легализација од друга страна се од НВО. Меѓутоа сето тоа треба да го ставиме во некоја правна рамка “ – кажа Георгиески.
Инаку, во новиот предлог Закон за постапување со бесправно изградени објекти се регулира дека во Охридскиот Регион ќе може да добијат правен статус само оние дивоградби кои со спроведување на Оцената на влијание врз животната средина и Оцена на влијанието врз културното наследство, ќе се утврди дека немаат негативно влијание врз исклучителната универзална вредност согласно УНЕСКО. Од предметите за кои тече постапката за легализација 414 објекти се евидентирани во крајбрежниот појас од 50м на Охридското Езеро, а 2321 објект во границите на Националниот парк ,,Галичица“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град