Genuine Experiences – платформа за паметен и одржлив туризам

Потрага по тартуфи, изработка на мозаик, дрворез, сучење комат, правење специјалитети од пиперки, плетење кошници,  планинарење, едрење се само дел од автентичните доживувања кои Онлајн платформата Џенуин експериенсис им  нуди на туристите.  Идеата е на две жени, стружанка и охриѓанка, кои сметаат дека паметен и одржлив туризам е иднината на Македонија.

 |   | 

Изработка на византиски мозаици, креативни работилници за сликарство, книговез, изработка на уникатна лампа, филигран, дрворез, тајните за производство на најскапиот зачин во светот- шафранот, потрага по тартуфи,  традиционална и здрава храна и пијалоци, сучење комати, плетење кошници, изработка на самари, планинарење, едрење, кајакарење и потрагата по скриени плажи. Сето ова на туристите им го нуди букинг платформата Genuine Experiences  при што тие не се пасивни набљудувачи туку дирекни учесници, патувачи , откривачи и авантуристи.
Идеата и реализацијата е на стружанката  Јасминка Поповска и охриѓанката Катерина Василевска и двете со по 20 години искуство во туризмот. Тие сметаат дека туризмот на овие простори мора да се развива одржливо и смислиле начин како  знаењата и вештините на локалното население да ги понудат на странски и домашни туристи како автентични искуства.  

„Навистина сметаме дека е време да почнеме да го промовираме регонов и Македонија на еден културен и автентичен начин. Ние не го сакаме масовниот туризам. Сметаме дека нашата преубава земја не заслужува таков вид туризам. Сметаме дека имаме можност да понудиме многу повеќе. Доколку би немале избор, доколку сме пустелија којашто мора да измислува топла вода би биле за масовен туризам . Но ние имаме толку многу нешта да понудиме што навистина е штета да не бидат сместени класифицирани како автентични искуства за кои сигурно знаеме и веќе гледаме во пракса  дека туристите и тоа како знаат да ги ценат и се спремни да платат, не се ценкаат бидејќи гледаат дека тоа што им го нудиме е само тука и на ниту едно друго место.“- вели Катерина Василевска – проект асистент  Genuine Experiences.

На таков начин ќе се обезбедат приходи од туризам за локалното население а при тоа  нема да се загрозува секојдневниот живот во градовите и нема да се уништува природата. Со платформата е опфатен прекуграничниот регион со Албанија , односно југозападниот регион од Македонија , Маврово, Ростуше и Пелагонискиот крај а од страната на Албанија регионите на Мат, Булкизе, Пешкопеја и Дибра. Како понудувачи на искуста се јавуваат домаќинки,  занаетчии, уметници, спортисти, водичи, мали семејни бизниси кои се занимаваат со некакво производство, мали фарми и слично.
„Ја очекуваме првата група полски туристи кои доаѓаат исклучиво поради искуствата. Тие не доаѓаат тука да спијат и да јадат. Доаѓаат за да видат дел од искуствата а другото е логистика. Нашите групи нема да бидат поголеми од 10 лица бидејќи не сакаме да го нарушиме животот на луѓето што ги посетуваме затоа што тоа се приватни средини, не се големи ресторани или хотели туку сетоа тоа е ексклузивно, малечко, едноставно претпочитаме квалитет пред квантитет. – вели Василевска.

Платформата www.genuinexperiences.com e дел од проектот „Надвор од границите – воведување паметен туризам и споделена економија“, реализиран од Локална агенција за развој  ЛАР Струга, Институт за Истражување во животна средина, градежништво и енергетика, Биолози од Албанија, поддржан од ЕУ преку ИПА 2 Прекуграничната програма.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top