Галеријата на икони нема да се дислоцира на Плаошник

Галеријата на икони нема да се дислоцира на Плаошник. Таа останува во комплексот Св. Богородица Перивлепта. Овој музејски простор ќе се обновува и се повеќе ќе се промовира бидејќи сега многу малку е посетен од туристите иако во него се кријат икони со непроценливо богатство кои не можат да се видат на ниту едно друго место.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Галеријата на икони останува во комплексот Св. Богородица Перивлепта. Плановите да се дислоцира на Плаошник нема да се реализираат откако комисијата на УНЕСКО ја стопира градбата на уште по еден кат на објектите кои таму се градат. Од НУ Завод и музеј велат дека од наредната година ќе се инвестира во обновувањето на објектот каде сега се наоѓа галеријата бидејќи планирано е таму да се сместат нови експонати не само од охридскиот регион туку и пошироко. Зачудува податокот што овој музејски простор сега многу малку е посетен од туристите иако во него се кријат икони со непроценливо богатство кои не можат да се видат на ниту едно друго место. Кустосот Милчо Георгиески кој повеќе години работи во галеријата на икони кажува дека многупати туристите ја посетуваат црквата Св. Богородица Перивлепта, а ја прескокнуваат галеријата  на икони.

Веројатно тоа се должи на политиката на туристичките организации. Јас жалам што галеријата не е посетена онолку колку што би сакал. Најбројни посетители ни се холанѓаните на кои овој музеј им е на прво место на списокот на места кои треба да ги посетат во Охрид, а останатите туристи речиси и да не знаат за неа иако денес во ера на напредна технологија и интернет податоците на сите им се лесно достапни, вели Георгиески.

Директорката на НУ „Завод и музеј“ Тања Паскали Бунташеска кажува дека проблемот лежи кај некои од туристичките агенции и водичи кои ја прескокнуваат галеријатаво нивните тури. Паскали објаснува дека влезот во галеријата чини 100 ден. што е сума која секој посетител може да си ја дозволи, а за поголеми групи кои доаѓаат преку агенциите со кои музејот има склучено договори следува и попуст.

Имаме склучено договор со Фубула, со Вис Пој, со Генерал турист и гостите кои доаѓаат преку овие агенции ја посетуваат галеријата, но оние кои доаѓаат преку други агенции или индивидуално многу малку знаат за неа, вели Паскали Бунташеска.

Директорката на „Завод и музеј“ кажува дека ја разгледувале и можноста галеријата да се посетува во пакет со црквата Св. Богородица Перивлепта, но таа идеја се покажала како нереална.

Тоа во моментов не е можно бидејќи ние стопанисуваме со галеријата, а со црквата стопанисува МПЦ, а тоа се две различни институци, вели Паскали Бунташеска.

Директорката на „Завод и музеј“ вели дека тие ќе се потрудат со поголема пропаганда и промоција да ја зголемат посетеноста на галеријата и да ја зголемат нејзината атрактивност за гостите кои доаѓаат во градов.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top