Со средствата кои ќе бидат собрани на оваа хуманитарна акција ќе се помага на неколку охридски семејства на кои им е потребна финансиска помош за лекување.
Денес дечињата трчаа за посреќно детство. Со оваа веќе традицонална трка, од плоштадот кај чинарот па се до Центарот за култура беше означен стартот на најмасовната спортско-рекреативна и хуманитарна акција „За посреќно детство“ на Црвен крст Охрид. Покрај трката, дечиња од најразлични возрасти играа и фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, фрлаа пикадо, па дури и вртеа хулахоп и скокаа со јаже. Мимоза Ставрева, секретар на Црвениот крст од Охрид вели дека веќе осма година со ред се обидуваат да ги потенцираат здравите животни навики, но и да ја поттикнат хуманоста кај сите возрасти.
„Ова е еден интересен начин за да им покажеме на најмалите но и тинејџерите дека е навистина интересно да спортуваш, да се рекреираш истовремено, да се забавуваш, и да бидеш хуман. Затоа што со донацијата од 30 денари и купувањето на учесничките броеви истовремено донираат, и за одредена целна ранлива категорија наши сограѓани. Се чувствуваат убаво дека денес биле хумани, а воедно спортуваат и за себе си чинат добро.“-вели Ставрева.
Освен бројните спортови кои денес се случуваа на градскиот плоштад „Климент Охридски“ и пред градската библиотека, веќе четврта година со ред, дечињата добиваа и совети за одржување на нивното орално здравје.
„Дечињата мислам дека се запознаени, така да мислам дека и самиот стол е направен со детски апликации, да не претставува нешто трауматично и стресно, им даваме по некое балонче така да ги залажеме но сепак мислам дека добро сме прифатени.“-рече Д-р Небојша Баткоски-ординација „Д-р Баткоски“.
За најсреќните следуваат награди. Има 50тина, а првата награда е седумдневно зимување на Златибор, како и престој во Крагуевац и викенд во Крушево. Извлекувањето на наградите со учесничките броеви ќе биде на 24 октомври во 18 часот на Телевизија ТВМ. Инаку средствата кои ќе бидат собрани со купувањето на учесничките талончиња ќе бидат наменети за неколку охридски семејства кои до Црвениот крст од Охрид се обратиле за помош во парични средства за лекување.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град