Фестивалот „Охридско лето“ остана без селектори

Селекторите на фестивалот „Охридско лето“ уште не седнати во фотелјите, си дадоа оставка. Само пет дена по нивното назначување, и Стојаноски и Чанаќевиќ истовремено отстапија од своите нови функции. Причина, преголеми обврски на професионален план.

 |  Мишел Наумоски  | 
Ohridsko leto
охридско лето

Ohridsko leto„Охридско лето“ остана без селектори. Само пет дена по смената на досегашните селектори на драмскиот и музичкиот дел, нашиот најпрестижен фестивал повторно во ќорсокак. Имено, како што веќе информиравме, директорот Васко Василески, по завршувањето на договорите на претходните селектори, за драмски селектор на фестивалот го назначи  Горан Стојаноски, директор на Охридскиот народен театар, додека за селектор на музичката програма беше назначена директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ. Сепак, онолку брзо колку што беа назначени, толку брзо и ја напуштија својата нова функција. Еве која е причината зошто Стојаноски не ја прифатил оваа понуда:

„Моето неприфаќање практично на селекторската позиција подразбира уште еден голем товар и одговорност за правење на две програми, и тоа подразбира театарската програма, репертоарот и новата продукција која треба да се направи за 2012 година, а од друга страна треба да се направи драмската програма на „Охридско лето“. Сметам дека тоа е за мене навистина голема одговорност и ако ги прифатам двете работи тоа ќе се одрази негативно на програмата на театарот и на „Охридско лето“, така да за мене во моментов е приоритет театарот.“-рече Горан Стојаноски-Директор на Охридски народен театар

Goran stojanoskiВо врска изјавите на Горан  Стојановски дека ќе се залага за поквалитетна програма, кои беа објавени на повеќе интернет портали, Стојаноски  со став:

„Јас не сум учествувал на никаква прес конференција, немало никаква прес конференција за тоа.“

Со Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ, не успеавме да стапиме во контакт за да ве информираме зошто таа отстапува од оваа функција. На сите наши јавувања и инсистирања да се слушнеме со директорката, ни беше кажано дека е на состанок. И директорот Васко Василески денеска со обврски, па за жал, не можеме да го пренесеме ниту неговиот став. Постојано беше недостапен и се затскриваше зад состаноци и службени обврски. Се надеваме дека директорот ќе сфати дека функцијата која што ја извршува е јавна и и за добро и за лошо треба да има комуникација со новинарите. За разлика од новопоставениот директор на „Охридско лето“,  Министерството за култура достапно во секој момент и категорично во својот став. Портпаролот на Министерството за култура, Анита Јовановска, истакна дека Охридско лето е сериозна институција исто како и Охридскиот театар и Македонската филхармонија, и дека извршувањето на функциите селектор и функциите во соодветните институции е тешко да се спроведат со подеднаков квалитет. Сепак, зачудува фактот што и двајцата селектори истовремено се откажаа од своите нови функции.  Инаку, работењето на „Охридско лето“ од 2008 година па наваму, во моментов е под полициска истрага. Се чешлаат јавните набавки и реализацијата на програмите во изминативе неколку години.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top